Реклама
Македонија

Мицкоски: Наместо за Венецуела, би зборувал за кршењето на меѓународното право врз грбот на Македонија

Македонија стои зад аргументите на стратешкиот партнер САД– ова е ставот на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Македонија стои зад аргументите на стратешкиот партнер САД– ова е ставот на премиерот Мицкоски во однос на случувањата во Венецуела. Тој вели дека меѓународните експерти треба да коментираат дали се работи за кршење на меѓународното право при спроведувањето на претседателот на Венецуела Николас Мадуро и најавата за судење во САД. Повеќе загрижува, според него, громогласната тишина на европските и светки земји, кога меѓународното право се кршело врз грбот на Македонија и македонските граѓани. Ги наброја преседаните во кои земјава изгубила: од менувањето на знамето, Уставот, хашката пресуда дека незаконски државата била блокирана за да добие покана за членство во НАТО, па се до промената на уставното име. Мицкоски потенцира дека кога еднаш ќе се дозволи преседан, тој станува пракса.

Мицкоски вели дека наместо за Венецуела, попрво би зборувал за прекршувањето на меѓународното право во случајот на Македонија од страна на Бугарија. Тој останува на ставот дека е подготвен да се сретне со бугарските власти во време, организација и локација што им одговара за да ги презентира македонските аргументи. Сепак, вели дека Бугарија во три наврати ги одбила предлозите на Брисел, Париз и Берлин за заедничка средба и го билатерализирала процесот на пристапување на Македонија во Унијата.

Откако официјална Софија излезе со забелешки за акцискиот план за малцинствата, Мицкоски со став дека ги предупредил европските власти дека дури и ако Македонија подготви најдобар план, тој ќе биде одбиен од Бугарија. Премиерот објаснува дека од Европската унија било сугерирано Акцискиот план да се изработи согласно препораките на експерти од Советот на Европа, што било и направено. Вели дека е нормално што документот бил испратен на македонски јазик кој е признаен за меѓународна употреба. Тој смета дека бугарските мотиви се подлабоки од официјалните барања и дека земјата ја испуштила шансата да покаже дека е добар сосед.