Големите банки во Македонија ги намалија банкарските провизии, и тоа не само во рамки на намалените давачки, туку и дополнително – за 15, 20, па дури и до 30 проценти, информира гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Како што посочи Славески, дел од банките се откажале од сопствената заработувачка со цел да се намалат трошоците за граѓаните и компаниите и да се зголеми користењето на безготовинските плаќања.
Според Народната банка, намалувањето на провизиите веќе има позитивен ефект врз платниот промет.

Наскоро се очекува донесување измени на Законот за платежни услуги, со кои значително ќе се прошират можностите на основната платежна сметка. Со законските измени ќе се овозможи дозволено пречекорување, користење на сметката и за лица кои имаат други сметки, проширување на пакетот бесплатни услуги во интерниот и меѓубанкарскиот платен промет, како и до четири бесплатни подигнувања готовина месечно од банкомати на други банки.

