Реклама
Македонија

Од понеделник 55 автобуси од приватните превозници се вклучуваат во скопскиот јавен превоз

Од понеделник по скопските улици ќе почнат да возат 55 нови приватни…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Од понеделник по скопските улици ќе почнат да возат 55 нови приватни автобуси со цел да се олесни јавниот транспорт на скопјани, најави денеска градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Дополнително, во наредните два месеци, рече дека ќе бидат вклучени уште 20 автобуси, што според него ќе значи нормализирање на јавниот транспорт заедно со 80 нови автобуси што се чекаат следната година.

Тој денеска имаше средба со приватните превозници за да се финализира нивното вклучување во јавниот транспорт и рече дека се потпишани лиценците со превозниците.

Јовица Зафировски, претставник на приватните превозници, рече дека изминатиот период работеле на обвнова на возниот парк и оти можат да одговорат на потребите на Град Скопје.

Реклама

„Во периодот што следи ќе работиме на промена на возниот ред кој за кратко време ќе биде воведен и почитуван и автобусите ќе пристигнуваат на време, како што пишува на таблите“,рече тој.

Според него, долгот што Град Скопје го има кон нив е околу 180 милиони денари.

Ѓорѓиевски посочи дека наредната недела ќе има уште еден состанок со превозниците на кој ќе се договори рокот во кој ќе бидат редовно исплаќани за нивните услуги кон граѓаните, а ќе се договори и возниот ред. 

Во однос на тоа што дел од автобусите се сè уште со странски регистарски таблички, Зафировски рече дека мора да помине процедурата за царина, хомологација, да се исфрарбаат во црвено-бела боја и потоа да се поднесе барање за лиценца во Град Скопје.

На новинарско прашање околу тоа дали е потребно да се распише оглас за вклучување на приватните превозници во јавниот превоз и да има одлука од Советот на Град Скопје за нови линии, Ѓорѓиевски не даде конкретен одговор, но рече дека досега на приватниците не им биле потпишувани лиценците.

„Со тоа се правеше опструкција за граѓаните да имаат нормализиран транспорт. Дополнително проблемите што беа поврзани, а се однесуваа на неплаќањето према нив ќе бидат регулирани наредната недела откако ќе се направи промена во менаџментот на ЈСП“,додаде тој.

Дел од автобусите што ќе бидат вклучени во јавниот превоз Ѓорѓиевски рече дека ќе бидат на линии што ќе ги држат приватните превозници, а дел ќе бидат комбинирани.

Градоначалникот најави дека во ребалансот на буџетот ќе влезе и БРТ системот, за кој смета дека е неопходен во комбинација со другите алтернативи за да се реши сообраќајниот хаос.