Реклама
Македонија

Седум кандидати во трка за градоначалник на Гази Баба

За гласовите на над 60 илјади избирачи во општина Гази Баба, ќе…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

За гласовите на над 60 илјади избирачи во општина Гази Баба, ќе се борат 7 кандидати. Општината која е половина урбана, половина рурална, забрзано се проширува во последните години, но токму затоа и се соочува со бројни предизвици.

Актуелниот градоначалник, Бобан Стефковски од ВМРО-ДПМНЕ „трча“ за следен мандат. Тој во јавните настапи ги истакнува реализираните 670 проекти. Новата програма содржи изградба на 4 нови детски градинки во Хиподром 2, Керамидница, Сингелиќ и Маџари, две катни гаражи во Автокоманда и Ченто, изградба на нова населба меѓу Хиподром 2 и Трубарево, мерка нула комуналии за изградба на куќа, вложување во образованието.

Кандидатот на СДСМ е Влатко Митовски. Тој најави три катни гаражи, еднонасочни улици во Автокоманда, нов мост што ќе го поврзе булеварот АСНОМ со улицата Перо Наков, нова клучка за Инџиково и Хиподром, реконструкција на водовод во сите делови кадешто нема вода, нова спортска сала, затворен базен, кино и културни домови, нова општинска зграда, велосипедски патеки и јавни зелени простори.

Реклама

Кандидат на партијата Демократи е Зоран Петковски. Тој голем дел од кампањата посветува на проблемот со отпадот во општината. Смета дека системот лошо функционира. Вели дека јавните претпријатија не си ја вршат работата главно поради големиот број на кадри, вработени по политичка линија чија продуктивност, според него е многу мала.

Мораториум на продажбата на градежното државно земјиште за изградба на габаритни станбени објекти. Ова е едно од ветувањата на кандидатот Златко Тренчевски од Левица. Тој ветува дека доколку стане градоначалник, наместо бетон и жежок асфалт, ќе гради градинки, училишта и паркови, ќе постави подземни контејнери, а ќе направи и кино на отворено во населбата Маџари.

50-годишниот Тоне Димковски е адутот за гардоначалник на Работничката партија. Според него, недозволиво е во 21-ви век да нема питка вода за дел од жителите на Гази Баба. Ветува чиста и уредна општина.

Марија Мајкиќ е кандидатот за градоначалник од Единствена Македонија. Таа е воедно и највозрасниот кандидат за градоначалник на 79 години. Според партијата, влегува во изборната трка подготвена да го вложи своето знаење, искуство и љубов кон општината. Смета дека Гази Баба заслужува чесни и одговорни луѓе.

Кандидат на Македонска Ера Трета е Влатко Утевски. Тој вели дека граѓаните имаат можност да гласаат за стручни личности, кои знаат и умеат да ја отстранат загаденоста, да придонесат за чист воздух и чиста средина, да се справат со канцерогените депонии и да донесат чиста вода до секој дом.