Крупни капитални инвестиции во македонското здравство – нови болници и клиники, реновирани здравствени установи, нов Медицински факултет и студентски дом. Во големиот инвестициски циклус во здравството што го најави премиерот Христијан Мицкоски ќе се вложуваат повеќе од 205 милиони евра. Покрај градежни зафати, сите проекти вклучуваат набавка на најсовремена медицинска и техничка опрема, со што се унапредуваат и условите за пациентите и за здравствениот персонал.
„Ова се можеби мали чекори, но големи во значење, особено оти години наназад не беше вложувано доволно. Со истата динамика ќе продолжиме и понатаму, со главен фокус на развојот на здравството. Продолжуваме со инвестициите во други здравствени установи, како Клиничката болница и Медицинскиот факултет во Штип, болниците во Кичево и Тетово, како и реконструкција и модернизација на здравствените услуги низ целата земја.Посакувам помалку пациенти и повеќе здрави луѓе, а оние што ќе имаат потреба од здравствена услуга да добијат квалитетна, европска нега“, изјави премиерот.
Освен подобрување на здравствената заштита на граѓаните, Владата става фокус и на спортот. Таму, според премиерот, ќе се вложуваат повеќе од 11 милиони евра – веќе се градат спортски сали, игралишта, отворени и затворени базени. А активирана е и поддршката за спортските клубови и федерации.

“Вкупно во првиот и вториот мислам дека беа 35-36 објекти. Вкупната инвестициска вредност надминува 720 милиони денари и ќе продолжиме во таа насока. Се завршуваат оние проекти кои во минатото беа отпочнати, па заборавени, како што се базените итн. Сè што било почнато завршуваме, но и каде што ќе констатираме дека е потребно да се интервенира ќе биде исто така завршено. И дел од овие проекти кои ги финансираме преку Владата”, рече Мицкоски.
Петте клучни проекти во здравството кои ќе се реализираат преку договорот со Велика Британија, се изградба на Клиничка болница во Штип тоа за источниот дел е децениски проблем. Изградба на комлетно нов Медицински факултет и нов студентски дом за медицинарите со најмалку 200 легла. Реконструкција на тетовската болница и изграба на нова во Кичево со нов Здравствен дом. Амбиција на Владата е Македонија да добие и модерен Клинички центар.

