Светската кошаркарска федерација – ФИБА остро го осуди инцидентот со навредливите скандирања на натпреварот меѓу Македонија и Романија и информира дека покренале истрага околу инцидентот.
„Во оваа фаза собираме релевантни извештаи и изјави во тесна соработка со вклучените национални федерации, како и со локалните власти и органите за спроведување на законот“, соопшти ФИБА, додавајќи дека безрезервно и жестоко го осудува говорот на омраза и дискриминаторскиот или расистички јазик од каков било облик.
Навредливите скандирања на кошаркарскиот меч претходно наидоа на осуда од политичките партии и државниот врв во земјата, како и од Македонската кошаркарска федерација и Општина Куманово на чија територија се одигра натпреварот.

Полицијата и Обвинителството, пак, информираа дека ги испитуваат околностите околу инцидентот.
