Остри осуди и бројни реакции и критики по скандирањето на кошаркарскиот натпревар помеѓу Македонија и Романија кој се одржа во реновираната спортска сала во Куманово.
Остра осуда за скандирањето имаше од премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека, дошло од „неколкумина“.
- „Во текот на вчерашниот ден, домаќинот, Кошаркарската федерација и Општина Куманово, го осудија скандирањето. Додека бев таму, не го забележав тоа, бидејќи стануваше збор за мала група луѓе. Еве ќе ја искористам приликата за испадот на национализмот и ксенофобијата, како и да упатам порака до сите групи да навиваат спортски“, рече премиерот Мицкоски.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, посочи дека не реагирале затоа што скандирањата доаѓале од навивачи, а не клубови.
- „Немаме никаква ингеренција да реагираме кога доаѓа од навивачи. Во Македонија нема потреба за такви скандирања ниту од една, втора, трета страна. Секој нека си ја поддржува својата екипа, ама нема потреба од вакви скандирања. Ние може да работиме на едукација“, рече министерот за спорт Борко Ристовски.
Не изостана ниту партисктие рекации и осуди по скандирањето во Куманово. Први се јавија интегративците кои побараа оставките од заменик-министрите за внатрешни работи и за спорт. Од ВРЕДИ им одговорија дека како никогаш досега, институциите и политичките партии на власт едногласно ја осудуваат ксенофобијата во спортот.
Од СДСМ апелираа до сите граѓани да останат разумни и да не подлегнуваат на провокации и на насилен национализам кој намерно се активирал, како што велат, секогаш кога се приближуваат избори. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак осудија секаков вид на националистички испади и говор на омраза, и сметаат дека тие злоупотреби, како што велат, се во корист на структури кои водат политика на омраза. Осуда има и од општина Куманово од каде велат дека на спортските терени нема и не смее да има место за ширење на национализам и меѓуетничка нетрпеливост.
Поради критиките дека навивачите скандирале навредливи и националистички пораки, Обвинителството отвори постапка и обезбедува видео снимки за откривање на сторителите.
- Основното јавно обвинителство Куманово постапува и до СВР Куманово издаде повеќе наредби и насоки за испитување елементи на кривично дело при скандирањата кои содржеа говор на омраза од засега непознати лица на кошаркарски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Романија. Издадена е наредба и за обезбедување на снимките од видео надзор со цел идентификација на евентуални сторители“ соопштија од Обвинителството.
Напреварот од квалификациите за Светското првенство во кошарка 2027 помеѓу Македонија и Романија се одигра на 2 август во спортската сала во Куманово. Македонската селекција беше поразена со 72:80.

