Од Крушево до АСНОМ: Завет за слободна и обединета Македонија
Во срцето на Крушево, во жртвата на илинденците од 1903 година, се роди идејата за слободна и праведна Македонија – четириесет и една година подоцна, идеалите оживеаја во манастирот „Св. Прохор Пчински“ – каде е одржано Првото заседание на АСНОМ. Антифашистичкото Собрание на народното ослободување на Македонија беше одговорот на Илинден – идејата која никогаш не остаре, не избледе, не се изгуби – таа созреа.
Денеска го живееме сонот на хероите на двата Илиндена кои се жртвуваа за да можеме да бидеме свои на своето. Пораки за обединување но и завет дека денешните генерации нема да ја заборават борбата и темелот на самостојната македонска држава. Илинден се одбележа и во Меморијалниот центар во Пелинце и во манастирот Свети Прихор Пчински. Таму македонската делегација предводена од потпретседателката на Собранието Весна Бендевска беше пречекана од нејзината српска колешка Невена Ѓуриќ.
Овие два Илинденa се завет дека нема само да се поклонуваме и почитуваме пред саможртвата на сите знајни и незнајни јунаци што ги положија своите млади животи за идејата за македонска држава. Тоа е обврска да го почитуваме нивното дело и ќе продолжиме да го сонуваме нивниот сон, заедно, и обединети. Дозволете во оваа прилика да упатам порака до секој граѓанин, доста беше поделби, доста беше омраза, доста беше нетрпеливост, Македонија во вистинска, буквална смисла на зборот мора да ја вратиме врз крушевските принципи и асномските постулати – рече Бендевска.

Развојот на соработката помеѓу двете држави се базира првенствено на историската блискост и братските односи, на взаемното почитување но и на заедничките европски вредности и ние сме навистина подготвени да ја надоградуваме таа соработка, порача Ѓуриќ
Во Пелинце, Илинден го одбележаа и дел од министрите – меѓу кои и министерот за одбрана, Мисајловски, министерот за правда Филков, вицепремиерот Стоилковиќ… А покрај собраниката делегација предводена од Бендевска, присутни беа и голем број граѓани како и претставници на Сојузот на Борци. Порачаа дека идеалите на илинденците и АСНОМците мора да ги негуваме. Велат, ние не ја славиме само историјата – ние ја носиме, во делата, во гласот, во изборите што ги правиме – да ја зачуваме слободата, да го чуваме идентитетот, да си ја сакаме земјата.
Од Крушево до АСНОМ, од востание до државност – тоа е патот на македонскиот народ. Пат на непоккор, но и на надеж. Пат по кој чекориме и денес, со должност да ја чуваме слободата и да го носиме заветот што ни го оставија – да сме свои и достојни на темелите врз кои е изградена нашата Македонија.
