Под отворено ѕвездено небо и ѕвезди на филмското платно по четврти пат на брегот на Дојранското езеро ќе се одржи фестивалот „Преку езерото“. Филмскиот фестивал веќе четврта година ја слави филмската уметност на македонските, балканските и медитеранските филмови. Од 7 до 12 август и оваа година љубителите ќе можат да уживаат во богата и разновидна програма како покрај Дојранското езеро така и во Гевгелија, Валандово и во Богданци.
Директорот на фестивалот Јани Бојаџи е дециден дека направена е најдобрата селекција со медитерански дух со високо наративни и естетски уметнички дела.
- „Сите филмови се на пример: хрватска продукција, босански режисер, Срби како копродуценти – балканско – медитеранско типично. Ирански режисер, италијански филм, сенегалска приказна. Српска продукција, македонски актер, Авганистанци кои што зборуваат ирански. Сите филмови ја имаат таа митка на Медитеранот, кое што го прави тоа што е “ рече ПРОФ. Д-Р ЈАНИ БОЈАЏИ – Директор на Фестивалот „Преку езерото“.
Уметничкиот директор Небојша Јовановиќ се радува дека фестивалот станувал дел од туристичката понуда на Дојран и целиот регион, мисија која беше поставена уште на самиот почеток пред четири години.

- „Главната натпреварувачка програма оваа година ќе донесе 6 свежи медитерански приказни, кои во себе носат силна провокација за сетилата на гледачите, во визуелна и наративна смисла, но и особена актуелност за она што важно се случува околу нас. Гледачите и јавноста во Дојран оваа година ќе имаат можност да видат една силна филмска програма преку која ќе доживеат исклучителна вештина за раскажување на прикаски преку слики и звук или поточно со алатките на филмскиот јазик,“ рече НЕБОЈША ЈОВАНОВИЌ – уметнички директор.
Овогодинешната награда „Мето Јовановски“ која се доделува на фестивалот ќе заврши во рацете на македонскиот глумец Лазар Ристовски кој играл во над 4.000 театарски претстави и глумел во 73 филмови и тв-серии.
Во официјална селекција на долгомертражни играни филмови се одбрани хрватскиот „После летото“, „Новата година што никогаш не дојде “ од Романија, „Било кога, било каде“ од Италија, словенскиот „Мали палави девојки“, српскиот „Помеѓу боговите“ и „Месо“ од Грција. Во официјалната селекција пак на кусометражни филмови има 15 филмови на автори од 10 земји од Балканот и Медитеранот. Во неофицијалната и ревијалната програма ќе бидат прикажани уште десетина различни филмови од различни жанрови.
Жирито и оваа година како и минатите ќе биде меѓународно, а ланскиот лауреат грчкиот режисер Христос Пасалис ќе биде претседател на жирото. Истовремено, во филските денови ќе се одржи и работнилница за развој на сценарио на дипломски или дебитантски кусометражен игран филм.
Конечно, идејата на организаторите веќе четврта година по ред е фестивалот да се одржува во Дојран, покрај брегот на езерото, а од година во година веќе изгради репутација на врвно културно случување не само во Македонија, туку и во земјите од регионот.
