Реклама
Македонија

Уставен суд: Судијата Димовски не бил дискриминиран од Судскиот совет

Уставниот суд не утврди дискриминација на судијата Андреј Димовски од Судскиот Совет…

Сподели:
Фото: Алфа Вести


Уставниот суд не утврди дискриминација на судијата Андреј Димовски од Судскиот Совет откако тој побара заштита на слободите и правата бидејќи  од највисокото судско тело не го оцениле во 2019 година кога работел во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Уставен побарале мислење и од Судскиот совет и од таму посочиле дека вакви компаративни случаи во минатото немало и додека бил на обука во Стразбур судиската функција му била во мирување па затоа не бил оценет.

Димовски  тврди дека бил ставен во понеповолна положба во споредба со останатите кандидати кои се пријавиле на огласот за избор на судија во Апелационен суд Скопје, бидејќи иако извршувал судиска функција во меѓународен суд цела година, воопшто не му е земен предвид тој ангажман и му е повредено правото на достапност на работно место под еднакви услови и негово унапредување. 

Во иницијативата тој посочува дека нема јасно утврдени критериуми  за оценување на работата на судиите кои функцијата ја вршеле во меѓународен суд. Судијата од граѓанскиот суд, смета дека е дискриминиран и дека не се наведени доволно образложени причини од страна на Судскиот совет, како е извршена пресметката на бодовите за квалитативните и квантитативните критериуми.

Реклама

Судија-известител беше Татјана Бозаџиева која работела на Рефератот по иницијативата која посочи дека според сите согледани работи не треба да се поведе постапка. Пред останатите судии рече дека поради отсуство на друг кандидат кој бил оценуван под исти околности не може да се утврди повреда на правото на еднаков третман и општата забрана за дискриминација.

Во отсуство на компаратор со слични причини за да се оправда разликата во постапувањето, не може да се каже дека на подносителот му е повредено правото да не се биде дискриминиран при  уживање на правата за општа забрана за дискриминација, имајќи предвид дека Судскиот совет кој е посочен како орган кој дискриминирал, само во еден случај одлучувал за избор на судија за упатување на времено континуирано доусовршување и обука во Европскиот суд за човекови права,а тоа е по спроведена постапка од тројца предложени кандидати, Судскиот совет се  одлучил на избор за судијата Андреј Димовски, рече Бозаџиева.

Бозаџиева посочи дека е препорачливо да се воспостават јасни и предвидливи критериуми за вреднување на стручната работа на судиите ангажирани во меѓународни институции, со цел нивната стручна надградба наместо да претставува пречка, да се смета за  предност во постапките за професионален напредок.

Судијата Димовски поради ваквото постапување води правни спорови против Судскиот совет пред Управниот и Вишиот управен суд, а одбраната најави и кривична пријава.