Македонија не се откажува од изградба на целосно нов универзитетски клинички центар. Инвестициите планирани со договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство предвидуваат завршување на болниците во Штип, Тетово и Кичево, а потоа и на целосно нов објект за она што треба да биде врвна здравствена установа во државата.
“Првично се планира целосно да се Клиничката болница во Штип, изградба на нова зграда за Медицинскиот факултет и студентски дом, како и нови здравствени објекти во Кичево и Тетово.Ако сето ова го исполниме успешно, тогаш следниот чекор ќе биде изградба на нов Клинички центар во Скопје, кој ќе биде замена за сегашниот. Постоечкиот ќе се реконструира во рамки на можностите на Фондот за здравство и Министерството за здравство” – рече премиерот.
Мицкоски не кажа прецизни детали за тоа на која локација би се градел новиот клинички, но потсети дека претходно постоеле повеќе идеи – во близина на Бардовци, на излезот од Скопје во Ѓорче Петров или на просторот на касарната „Илинден“.

“Имаше многу идеи, но крајниот резултат е дека денес, во 2025 година, сѐ уште немаме нов Клинички центар кој одамна требаше да биде готов” – посочи Мицкоски.
Изминатите 8 години, се сменија шест министри за здравство, имаше шест локации во игра и 6 фирми изведувачи, но наместо нов Клинички центар, претходната Влада ја остави Македонија со обврска за да плаќа пенали за она што требаше само да го спроведе.
Засега од сите најави и ветувања резултатот е еден – 8.5 милиони евра кои треба да и се платат на италјанската компанија зашто екс министерот за здравство Венко Филипче го раскина договорот потпишан од неговиот претходник Никола Тодоров.
Од 2009 досега на сите министри за здравство приоритет им беше нов клинички комплекс, но никој не удри темели. Додека граѓаните го чекаат тој момент, во поголем број клиники имаше и има реновирање за да можат да даваат соодветни услуги.
