Долгите листи на чекање за згрижување на најмладите во постоечките детски градинки во Прилеп, а чиј број со години изнесува дури и до 300 деца, започнуваат да се кратат. Насушно потребната нова детска градинка, а на чија доизградба, заради отстранување на низата детектирани пропусти кои биле направени уште при проектирањето се работеше неколку години, конечно е ставена во функција.
„Ја затекнавме Градинката со неисплатена ниту една ситуација. Во целост чинењето на оваа Градинка е од Буџетот на општина Прилеп и ние во целост го исплативме. 133 милиони денари чини оваа Градинка…А што се однесува до месеците на доцнење, тоа се однесуваше на низата забелешки кои што беа пропусти уште од проектирањето, па до крајот на изведбата. Потоа пуштање уште неколку нови тендери без кои безбедносни механизими немаше Комисијата да ни дозволи да биде пуштена во употреба оваа детска градинка“ – изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
На пуштањето на овој нов современ објект, сега веќе изграден по сите стандарди, присуствуваше и заменик – министерот за социјална политика, Ѓоко Велковски.

„Министерството за социјална политика, демографија и млади, учествуваше во набавката на опрема која што беше аплицирана од страна на Општината во приближна сума од околу 9 милиони денари. Стоиме на располагање, нормално и понатаму како Министерство во делот на опремување и нови дидкатички средства да бидат купени, не само за оваа градинка, туку и за сите градинки низ Македонија“, – кажа Ѓоко Велковски, зам. министер за социјална политика, демограгија и млади.
Новата Детска градинка „Бајка“ е проектирана за згрижување на 218 деца. Засега, во неа ќе бидат сместени 140 деца, а по завршувањето на годишните одмори се очекува капацитетот да биде целосно исполнет.
„Има една јаслинска група и 10 групи за деца на возраст од две до шест години…На крајот од март веќе склучивме договори со вработените лица кои ќе работат во овој објект – значи, со огласите вработивме 25 лица“, – рече Христина Трпеческа, директор на ЈОУДГ „Наша иднина“, Прилеп.
Напоредно со оваа градинка, општина Прилеп работи на отворањето и на уште една помала градинка во населбата „Рид“, со цел целосна елиминација на долгогодишните огромни листи на чекање.
