Граѓаните, медиумите, невладиниот сектор, бизнисот. Сите да пријавуваат корупција и да не молчат. Само така ќе се овозможи развој и ќе се спречи иселувањето. Ова го порачаа учесниците на првиот состанок на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата. Владата го формираше ова тело како чекор напред во обидот конечно да се воспостави функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата. Премиерот Мицкоски е дециден дека ова тело нема да биде само про форма, туку и вистински ќе функционира во сузбивање на корупцијата.
Мицкоски признава дека народот повеќе не може да гледа како судските предмети поминуваат без разрешница или неказниво. Потенцира дека судството и обвинителството се едни од најслабите алки во борбата против корупцијата. Ветува резултати, дека борбата со корупцијата нема да остане на хартија.
Евроамбасадорот Рокас вели дека ова тело за борба против корупцијата се формирало точно во момент на најголемата сензитивност по трагедијата во Кочани. Корупцијата, според него, е една од најголемите пречки во напредокот на патот кон ЕУ. Унијата бара конкретни чекори на овој план, и во сите извештаи дава препораки за реформи што треба да се спроведат.

Меѓуресорското тело треба да воспостави координација помеѓу сите клучни институции како Антикорупциската комисија, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, Управата за јавни приходи, Царинската управа, Министерството за правда, Министерството за финансии. Формирањето на ова тело и реформите што ќе се спроведат треба конечно да воспостават функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата.
