Реклама
Економија

Мицкоски: Меѓу 20 и 30 проценти повисока капитација за матичните лекари

По зголемувањето на платите во јавното здравство за 15%, Владата работи и…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

По зголемувањето на платите во јавното здравство за 15%, Владата работи и на зголемување на примањата на матичните лекари. Премиерот Мицкоски вели дека е запознаен со негодувањата од страна на општите матични лекари и дека капитацискиот бод би можел да се зголеми помеѓу 20 и 30 проценти. Калкулациите биле при крај, по што ќе биде соопштена одлуката на Владата.

„Да, ги слушам и јас тие реакции од страна на матичните лекари. Работиме на пријатно изненадување за нив. Очекувам дека веќе во следната недела ќе има добра вест за матичните лекари. Работиме на овозможување покачување на капитацијата за матичните лекари, што би се движела помеѓу 20 и 30 проценти. Оставете да ги направиме конечните пресметки, ќе излеземе многу скоро со информација што мислам дека ќе биде позитивна вест за матичните лекари – одговори премиерот на новинарско прашање“ – вели Мицкоски.

Од април повисоки примања ќе имаат и наставниците во основното и средно образование. Министерката Весна Јаневска најави пораст на платите на просветните работници за 7%. Мицкоски рече дека за само 5 месеци , овие кадри добиле зголемување на нивните примања од над 12 отсто.

Реклама

„Сумарно, за период помал од пет месеци, покачувањето ќе биде околу 12,35 проценти со тенденција, согласно договорот што го постигнавме со синдикатите, до крајот на мандатот на оваа влада, тоа покачување да дојде и до педесетина проценти. Сето ова се резултати на напорна работа на сите членови на Владата и јас за тоа им честитам и ги охрабрувам така да продолжиме со пријатни вести за граѓаните и да испраќаме позитивни пораки“ – рече премиерот.

Инаку и административците добија покачувањње од 1.800 денари. За поголем пораст на нивните примања, ќе треба да почекаат пакетот закони за јавна администрација да го помине собранискиот филтер. Очекувањата се тоа да се случи до крајот на мај. За 10 проценти е зголемена и исплатена мартовската плата за вработените во Министерството за внатрешни работи. Од овој месец колку толку се зголеми и животниот стандард на највозрасната категорија граѓани. Над 340 илјади пензионери добија линеарно покачување од 2.500 денари месечно. Со овој пораст, најниската пензија изнесува 18.192 денари, додека просечната пензија 26.258 денари.