Едно на хартија, друго на терен. Над 80 отсто од дискотеките во земјава ќе бидат затворени бидејќи не ги исполнуваат минимално-техничките услови за работа – најави премиерот Христијан Мицкоски.
Досегашните вонредни контроли покажале дека половина од 23-те дискотеки, кабареа и ноќни клубови и покрај тоа што имаат легално издадени лиценци, не ги исполнуваат минималните технички услови за работа. Освен „Пулс“ детектирана е уште една фалсификувана лиценца. Проценките се дека во Македонија има околу 70-тина објекти кои се занимаваат со ваква дејност. Мицкоски очекува контролите да завршат за две недели, а некои од газдите и самите пред надзорот признале дека не ги исполнуваат условите и дека не сакаат да ги отворат повторно дискотеките.
„И овие кои на хартија имаат сè, дури и тие не ги исполнуваат минимално-техничките услови. Морам да бидам груб и да кажам без разлика колку и да ми се лутат сопствениците, повеќе од 80 проценти ќе бидат затворени. Колку сакаат нека викаат дека јас сум лош и оваа Влада дека е никаква, но нема играње со оваа работа. Мора да се решат овие работи“ – вели Мицкоски.

За да се добие поширока слика дали се навистина безбедни и кафулињата со заградени тераси кои организираат забави и концерти, сите општини ќе направат вонредни контроли. Премиерот веќе му дал налог на претседателот на ЗЕЛС, Орце Горѓиевски, инспекторите да излезат на терен.
За да се спречат во иднина евентуални слични несреќи, ќе се забрани и употреба на пиротехнички средства во затворен простор. Тоа треба да го регулира МВР со правен документ. Освен тоа, во Министерството за економија се подготвуваат измени на Законот за угостителска дејност, за да не може во иднина компанија да добие лиценца само со пријава која газдата сам си ја потпишува дека ги исполнува минимално-техничките услови, без вистинска проверка на самиот објект. Надлежните велат дека треба да се направат промени на повеќе законски решенија, за да се спречи легализирана дивоградба со една дејност без документ за пренамена да функционира како ноќен клуб или било што друго, да се усогласат правилниците за тоа колку луѓе на колкав затворен простор можат да престојуваат и други промени.
Досега системот на пазарната инспекција функционирал само врз основа на дојави од граѓани. Според годишниот план тие имаат проценка колку редовни и вонредни надзори ќе бидат направени. За годинава, во Кочани биле предвидени вкупно 370 надзори со очекувани 95 неправилности. Пазарниот инспекторат брои 148 инспектори. 141 работат како пазарни инспектори, а 7 како инспектори за безбедност на производи. Годинава 9 од нив ќе се пензионираат, а нови не е предвидено да се вработат. 40 кандидати моментално се обучуваат и во текот на 2025-та треба да добијат лиценци.
