Пазарниот инспекторат исконтролирал над 40-тина објекти кои во моментов функционираат како ноќни клубови, дискотеки и кабареа. Инспекторите се на терен и во најкраток временски период јавноста ќе дознае дали тие работат легално и според прописите или ќе престанат да ја вршат дејноста. Откако вчера кажа дека биле издадени само 12 валидни лиценци за кабаре, денеска премиерот Христијан Мицкоски вели дека многу е поголем бројот на вакви објекти кои функционираат во земјава. Тој уверува дека сите објекти за кои ќе се утврди дека не ги исполнуваат минимално пропишаните технички услови за работа, ќе бидат затворени и санкционирани. Во минатото овие документи не се проверувале – вели Мицкоски. Дискотеката „Пулс“ во Кочани кадешто се случи трагедијата во никој случај не исполнувала услови да добие лиценца како кабаре.
„Проблемот е што, екс официо не се проверени тие документи. Така што овој објект од свои петстотини и нешто квадратни метри не може по ниту една основа да биде кабаре. Ни по една основа не може да биде кабаре и да бара лиценца за кабаре. Тука е дополнително проблемот правен затоа што за дискотеките, сумата којашто треба надоместокот да се плати, е поголем, виза ви овие коишто се лиценцираат како кабаре. Се истражува и бидете сигурни, бидете сигурни дека ниту еден објект којшто не ги исполнува, како што стои според Законот, минимум техничките услови, нема да биде оставен да функционира“ – вели Мицкоски.
На прашањето зошто Пазарниот инспекторат не утврдил неправилности, Мицкоски објаснува дека законските измени од 2007-ма година предвидуваат фирмите кои аплицираат да отворат дискотеки, ноќни клубови и кабареа со документацијата морално и правно одговараат за точноста на податоците. Инспекторите законски имаат обврска да излезат на терен по поднесена пријава. Мицкоски вели дека ќе се бараат измени во Законот за угостителска дејност, но и во други закони, за да има чести контроли и да се спречи функционирање на вакви небезбедни објекти во иднина.

Минимално пропишаните технички услови за да се добие лиценца се санитарно здравствени услови, услови за заштита при работа, заштита и унапредување на животната средина, противпожарна заштита и заштита од бучава. Членот 7 во Законот за угостителска дејност предвидува најмалку 15 дена пред стартот со работа, угостителот тоа да го пријави до надлежните институции, а до нив треба да ги пријави и евентуалните промени.
ЗАКОН ЗА УГОСТИТЕЛСКА ДЕЈНОСТ
ЧЛЕН 7
„Угостителот е должен исполнувањето на условите од членот 6 став 1 на овој закон и започнувањето со работа да го пријави на Државниот пазарен инспекторат, на градоначалникот на општината, а во градот Скопје на градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје според местото и седиштето на објектот, односно според местото каде што се даваат услугите, најмалку 15 дена пред почетокот на работењето на угостителскиот објект“
Градоначалниците треба да водат евиденција на угостителите кои почнуваат со работа во нивната општина, а барањето за добивање лиценца се поднесува до Министерството за економија.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека објектот во кој се случи несреќата, бил регистриран за лесна индустрија и така работел 15 години. По поднесена пријава, импровизираната дискотека „Пулс“ била исконтролирана од пазарните инспектори во 2022 година, откако претходната година сопствениците обезбедиле соодветна лиценца издадена по легален пат. Објектот вторпат добил лиценца за работа во 2023-та година, а фалсификат лиценца била направена во 2024-та година. Во реалноста, „Пулс“ била најпопуларна дискотека за забава на младите во Кочани и околината повеќе од една деценија.
