
„Го почитуваме секој збор на поддршка, но не ја крадете нашата тага. Не претворајте ја во содржина за гледаност. Не смеете да ги делите моментите на очај, распад и изгубена надеж.
Сите партии носат одговорност за ова! Оваа дискотека постои веќе 15 години, во сите периоди на владеење. Политиката ги уби нашите деца. Корупцијата ја запали оваа ноќ.
Почитувани медиуми, размислувате ли пред да објавите? Гледате ли насловите што ги пишувате? Дали сте свесни дека овие имиња што ги објавувате не се само бројки? Тоа беа нечии деца, браќа, сестри, родители. Овој град е мал. Секој од нас загуби некого, секој познава барем две-три жртви. И секој од нас ќе живее со оваа болка засекогаш.

Дали за вас е „добра содржина“ да објавувате видеа и слики од родители што стојат пред болница, со солзи, со раце што се тресат, со срца што се кинат? Дали сметате дека треба да се споделуваат моменти кога татко се урива на колена, викајќи од болка? Кога мајка, која девет месеци носела живот во себе, го доела, го чувала од секое зло, сега стои скршена, без надеж, без сила, без своето дете?
Дали навистина ова ви изгледа како нормална објава? Дали е вредно за кликови и лајкови?
Родители изгубија единствени синови, единствени ќерки. Сите соништа што ги имале, сите години љубов, сите жртви што ги направиле, избришани за една ноќ.
155 семејства сега не дишат, не спијат, не живеат. Тие само чекаат, со телефонот во раце, со надеж и молитви. Во секоја болничка соба има по едно дете што се бори за живот. По една мајка што го држи за рака и шепоти: „Сине, бори се, ќерко, бори се.“
А вие објавувате снимки од нивните солзи. Ја продавате нивната болка за кликови. Ја споделувате нивната трагедија како сензација.
Не ни требаат ваши политички пресови ниту обвинувања меѓу вас. Не сакаме ниту опозиција, ниту власт да ја користат оваа трагедија за политички поени. Овојпат од вас бараме нешто друго: сплотете се, обединете се, еднаш засекогаш!
Секој што има вина, за најмал детал, мора да одговара без селективност, без компромиси! Ништо повеќе нема да биде исто. Нема повеќе толеранција за корупцијата и за вашето збогатување на грбот на граѓаните!
Сега гледаме како во Кочани ги обвинуваат најситните, најмалите. Обезбедувањето на дискотеката, луѓе што таа ноќ спасиле над 100 животи, се на тапет. Да, ако имаат вина, нека одговараат, но не застанувајте овде!
Оваа дискотека 15 години добивала дозволи. Кој стоеше зад тоа? Кој потпишуваше документи?
Правдата нема да ја најдете во казнување на најслабите. Овојпат, мора да паднат и тие што со години ја градат оваа корумпирана пирамида!“ -Стои во соопштението.
