Парите од унгарскиот кредит наменети за општините се користат за подобрување на животот на граѓаните, решавањето на децениските проблеми, капитални проекти, реконструкции на улици, водоводни мрежи, изградба на училишта, градинки, спортски сали. Премиерот Мицкоски и министерот за локална самоуправа Перински уверуваат дека заложбата на Владата е да ги поддржува локалните самоуправи и со пари од централната власт преку проекти да се помогне во реализација на ветеното. Тие присуствуваа на почеток на градежни активности на еден од проектите во Општина Кисела Вода кои се финансирани од централниот буџет.
– Тука станува збор за дополнителни 100 тина милиони евра, коишто ќе бидат распределени по општините преку министерството за животна средина. Така што веќе доаѓаме до една бројка од половина милијарда евра, нешто што е историски значајно. Нешто што до сега било невозможно, а сега се случува, рече претседателот на владата на РМ, Христијан Мицкоски на настанот во Драчево.
Преку првиот јавен повик за општина Кисела Вода издвоени се околу 160 милиони денари, веќе за вториот јавен повик предвидени се повеќе од осум милиони евра вели Перински, акцентирајќи го градежниот бум од кој очекува да ја стимулира економијата во самата општина а од друга страна да го подобри квалитетот на животот на граѓаните.

Владата и нејзината заложба во насока на поддршка на сите локални самоуправи продолжува и понатаму се со цел да го помогнеме, подобриме и животот на сите наши сограѓани. Денес сме во Општина Кисела Вода во населбата Драчево каде што практично воведуваме во градежни активности за изградба и уредување на речното корито на реката Мала Рада. Ова е многу значаен и битен проект за овие граѓани коишто циркулираат на оваа теритотија од Општина Кисела Вода, заради тоа што во изминатите декади нивните имоти и нивните поседи беа загрозени кога се случуваше да оваа река надојде. Сите овие работи кои во минатото се случуваа со практична имплементација на овој градежен зафат на овој проект, ќе се превенираат и во иднина нема да имаме вакви несакани случки и состојби, изјави министерот Пирински.
Ова е еден од четирите капитални проекти на Општина Кисела Вода кои се реализираат со средства од државниот буџет по првиот јавен повик за финансиска поддршка на општините. Градоначалникот Ѓорѓиевски е задоволен од темпото на работа но и од поддршката од централната власт.
Во минатото ова место беше практично една база на отпад, но и дополнително, честопати се случуваше при надоаѓање на реката да бидат поплавени голем број на домови, да бидат загрозени многу граѓани, сето тоа сега оди во минатото, благодарение на Владата и претседателот на владата бидејќи почнавме денес со уредување на ова речно корито, рече Георгиевски.
Инаку, веќе подолго време имињата Златко Перински и Орце Ѓорѓиевски се споменуваат во јавноста како потенцијални кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за скопски градоначалник. Премиерот беше запрашан – Перински или Ѓорѓиевски.
Добро е да има интерес. Ниту едниот ниту другиот мене официјално не ми кажал дали е заинтересиран да биде дел од кандидатите кои што ќе бидат на анкетите. Но еве, ќе го послушам вашиот совет, и двајцата ќе бидат вметнати во листата за мерења за кандидат за градоначалник на Скопје, порача Мицкоски.
Министерството за локална самоуправа неодамна започна со кампањата „Каде што срцето е дома“ која предвидува посети на локалните самоуправи и средби со градоначалниците, на кои се зборува за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат општините, но и за проектите кои ги спроведуваат.
