Аерозагадувањето е предизвик кој бара обединет одговор и заеднички напори од целата заедница – и од власта и од приватниот сектор. Компанијата ЕКОТИП донираше 1 милион евра во прочистувачи на воздух кои ќе бидат поставени во градинките, училиштата, студентските домови, болниците и други јавни установи. Овие уреди ќе обезбедат воздух со највисоки медицински стандарди за најранливите категории.
Безрезервно ја цениме и посетата на претставниците на реномираниот производител MANN & HUMMEL, кои заедно со тимовите од Владата и ЕКОТИП ДООЕЛ Скопје ќе продолжат да ги разгледуваат можностите за понатамошна соработка во рамките на долгорочни и можности за дополнителни одржливи решенија. Се надеваме дека овој пример ќе послужи како инспирација за други компании да се вклучат да придонесат во заедничката борба за почист воздух и се разбира поздраво општество. Ние како Влада остануваме и понатаму посветени при преземање на активности против аерозагадувањето – порача Митева.
Напредните прочистувачи се од реномираниот германски производител Mann+Hummel чии претставници беа присутни на потпишувањето на договорот во Владата. Со ова се отвора можност за понатамошна соработка во борбата против аерозагадувањето, велат од Владата.

Од ЕКОТИП порачаа дека и другите општествено одговорни компании во земјава треба да го следат овој пример со цел зголемување на квалитетот на воздухот и почиста животна средина.
Се работи за прочистувачи на воздух со медицински стандард. Упатувам апел сите да го гледат овој пример, да дадеме свој придонес за чиста животна средина. Бизнис заедницата игра клучна улога, рече Ламбро Патче од ЕКОТИП.
Премиерот Мицкоски ја поздрави оваа иницијатива.
Оваа иницијатива не само што ќе го подобри квалитетот на воздухот во јавните установи, туку и ќе помогне во поздраво општество. Воедно продолжуваме дијалог со претставниците на германската Mann+Hummel, кои деновиве со тимот на Владата и Екотип ја анализираат можноста за понатамошна соработка со фокус на долгорочни иницијативи и заеднички развојни перспективи, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Во борбата против аерозагадувањето владата претходно најави дека ќе се градат когенеретавни централи со кои ќе се произведува енергија и топлина во ист процес, притоа граѓаните ќе дишат почист воздух и ќе плаќаат пониски сметки за струја и за парно.
