Реклама
Економија

Фирмите со готови проекти чекаат на унгарските пари

Компаниите со веќе подготвени проекти чекаат на унгарските пари. Од Бизнис конфедерацијата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Компаниите со веќе подготвени проекти чекаат на унгарските пари. Од Бизнис конфедерацијата на Македонија велат дека особен интерес има кај фирмите од прехранбената индустрија. Планот им е да го прошират производството на храна и пијалоци, а има и голем број на проекти во делот на заштеда на енергија. Одлуката да им се овозможат евтини кредити на бизнисите во износ од 250 милиони евра, според Бизнис конфедерацијата треба да покаже какви идеи имаат компаниите, дали ќе вложуваат за да ги достигнат европските стандарди и дали имаат капацитет да освојуваат нови пазари.

„Дали имаме ние толку многу компании кои можат да вложат два, три, пет милиони евра во инвестиции во ова време на неосвоен глобален пазар, на неспроведени одредени процедури кои се поврзани со страндарди, со исполнување на одредени барања од странските партнери, од странската потрошувачка група, такашто сметаме дека што поскоро се дефинираат условите и начинот на кој ќе се апсорбира и начинот на кој ќе се аплицира за тие проекти, тоа подобро“ – вели Миле Бошков – Бизнис конфедерација на Македонија.

Откако Владата и банките договорија дека компаниите ќе ги добијат парите од унгарскиот кредит со трошок од 1,95%, се прошири и листата на фирмите кои можат да конкурираат. Сега ќе се прифаќаат и апликации за комерцијални енергетски објекти од обновливи извори, а не само за оние за свои потреби. Тоа значи дека листата се проширува со фирми кои ќе градат ветерници,соларни паркови, мали ходроцентрали. За Бизнис конфедерацијата, ова е показател дека на Владата и е важна зелената енергија, односно да се произведува струја од обновливи извори.

Реклама

„За нас тоа е еден показател, еден сигнал дека се внимава и се води сметка на насоката зелена енергија, транзицијата, намаленото учество на емисија на јаглеродни гасови во атмосферата, дека е план и дека Македонија е исто така на агенда да вложува во зелената енергија“ – вели Миле Бошков – Бизнис конфедерација на Македонија.

Сите преостанати процедури за искористувањето на парите од унгарскиот кредит за фирмите ќе поминат на владина седница во вторник, по што овие пари ќе станат оперативни за бизнис секторот.

„Анализата вели дека 250 милиони евра годишно е побарувањето на економските оператори за да земат заеми. Ако ги ограничите можностите, тогаш се ограничуваат и економските оператори и може да се случи од тие 250 милиони евра да се искористат само 120, 150 или 180 милиони евра, а другите да останат. Од тие причини сакаме да го прошириме сето она што ќе има позитивен импут во БДП и во македонската економија. Но, сега е се дефинирано, завршено е, содржината на договорот е готова“ – рече Мицкоски.

Унгарскиот кредит за компаниите е со каматна стапка од 1,95%, три години грејс период и 12 години рок на отплата. Компаниите можат да добијат најмногу до 10 милиони евра, а треба да имаат сопствено учество од 20% од вкупната вредност на проектот.

https://www.youtube.com/watch?v=GOfN3NFkHQ4