Брзата железница Солун – Скопје – Белград – Будимпешта се враќа на шините. Проектот се реактуелизира од српска страна, а македонската е подготвена да соработува.
Брза пруга на Коридор 10 е владин приоритет велат од министерството за транспорт по повиците од српскиот министер Горан Весиќ за средба со неговиот нов македонски колега Александар Николоски.
Стратешка цел на Владата е реализација на брза пруга Скопје – Солун и тоа е главен фокус на министерот. Тоа е една од основните визии на новиот министер и за таа цел министерот во следниот период планира интензивни разговори со сите релевантни фактори, планирани се состаноци со претставници од ЕУ и САД кои би можело да помогнат во делот на реализацијата на овој стратешки проект, велат од Транспорт

Од македонското Министерство за транспорт велат дека се силно посветени за развој и модернизација на железничкиот систем и кон север и кон југ.
Од министерството информаат дека била формирана мешовита комисија меѓу Македонија и Србија, а во следниот период земјава ќе ја завршува документацијата околу проектирањето, сообраќајните анализи и ќе ја бира најоптималната варијанта за коридор на трасата.
Во првата фаза се планира изградба на пруга од Скопје до Табановце и еден крак кој ќе води до Меѓународниот аеродром Скопје во должина од околу педесетина километри .
„Активности кои во наредниот период треба се реализираат во контекст на реализација на овој проект се:
– Изработка на проектна задача за студијата;
– Предпроектна документација како дел од физибилити студијата;
– Сообраќајни анализи и прогнози;
– Анализи на влијанијата врз животната средина;
– Процена на варијантите и проектот и избор на најоптимална варијанта за коридор на трасата“, велат од Транспорт
Додека македонските возови ползат по пругите, Србија веќе ја изгради брзата пруга од Белград до Нови Сад каде се вози 200 на час, се планира до крајот на годината да заврши изградбата на пругата до Суботица односно до унгарска граница, а во 2028 да се заврши брзата пруга од Белград кон Ниш. Според најавите од српскиот министер се работи и на делницата од Ниш до македонска граница, за што Белград веќе има план да побара пари од ЕУ.
