„Доколку ги следите неговите ставови поврзани со одредени теми и доколку се вратите наназад во неговото минато како претседател на градската организација на СДСМ, јас пак можам да дојдам до поинаков заклучок, дека Љупчо Палевски претставува партиско полициска инсталација. Не верува во тоа што го кажува и ги злоупотребува темите за да нанесе политичка штета на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за „360 степени“.
Мицкоски додаде дека во услови кога перфидно се манипулира јавноста, најважно е СДСМ да бидат поразени, а потоа преку департизирани институции соодветно да се истражи случајот и да дојде до одговорност во институциите и во јавноста.
На прашањето поврзано со средбите со Палевски, Мицкоски рече дека пред 4-5 години имал средба со Палевски.

„На таа средба и на средби со многу други личности кои што испраќале политички пораки, моето прашање било зошто и кои се аргументите да ги слушнам. Не сум слушнал аргументи, туку напротив стигна барање ВМРО-ДПМНЕ да помогне во собирање на граѓански потписи за да регистрира лицето политичка партија“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ не му помогна во собирање на граѓански потписи за да регистрира политичка партија.
„Нормално дека не. Но после неколку години сведоци сме сите дека тој успеа да регистрира политичка партија под името „Десна“. И сега прашањето е кој му помогна“, праша Мицкоски.
Мицкоски додаде дека јавноста и луѓето кои што се во политиката точно знаат кој му помогна на Љупчо Палевски во собирање на потписи за регистрирање на партија.
„Погледнете ги потписите на лицата кои што се потпишани и ќе го добиете одговорот“, укажа Мицкоски.
