Министерот за здравство Сашо Клековски најави дека ќе иницира разговори, со фармацевтските компании, за можноста адреналинот за самоинјектирање да стане достапен на македонскиот пазар.
Клековски, одговарајќи на пратеничко прашање од Валбона Адили Емини од Коалицијата ВРЕДИ, денеска во Собранието посочи дека во моментов во Македонија нема регистриран производ со адреналин за самоинјектирање, а во соседна Грција се регистрирани два до три такви производи.
Тој нагласи дека адреналинот е еден од најважните лекови во итната медицинска помош и не се користи само при анафилакса, туку и при други животозагрозувачки состојби.
– Како министер за здравство можам да иницирам со фармацевтските куќи дали има интерес за регистрација во Македонија, бидејќи постои законска регулатива за регистрација на лекови преку МАЛМЕД и да го поттикнеме тој интерес – рече Клековски.
Во однос на евентуалното ставање на ваков производ на позитивната листа, Клековски објасни дека за тоа е потребна апликација од производителот или од овластен претставник кој ќе ја гарантира достапноста на лекот на пазарот.
– Друго прашање е употребата. Во некои земји е предвидена употреба во градинки, училишта, бидејќи нели, станува збор за заштита на деца, а родителите не го поминуваат целото време со децата, меѓутоа начинот на употреба мора да помине низ еден процес на регулирање со протоколи, со обука на сите инволвирани страни за употреба на адреналинот за самоинјектирање – рече Клековски.
Тој исто така посочи дека адреналинот за самоинјектирање е дозиран на начин што не може да предизвика сериозни дополнителни несакани последици, за разлика од адреналинот во ампули, чија примена и дозирање мора да ја врши медицинско лице.

