Два милиони кубни метри отпад, повеќе од половина век таложење и пожари кои постојано го гушат Охрид. Буково одамна не е само депонија, туку еколошка закана која не смее повеќе да се игнорира. Додека трајното решение се најавува за 2030 година, градот останува изложен на последиците од оваа долгогодишна негрижа. Она што може да се направи е да се преземат најургентните мерки.
„Физичко заградување на самата депонија по периметарот на просторот каде што е предвидено да се депонира отпад, да се постави исто така видеонадзор за да се контролира што се случува на самата депонија. Да се постави исто така физичко обезбедување, односно чувар на депонијата, за да контролира кој влегува таму, бидејќи според закон е забрането влегување на други лица на депонијата“, вели Ѓоко Зороски од граѓанската иницијатива „Збогум Буково“.
Ова се основни стандарди што треба да ги исполнува секоја депонија. Но Буково со децении функционира без соодветна заштита. Анализите покажуваат дека на оваа локација се наталожени огромни количини неселектиран отпад кои го гушат градот.
„Да, ние ги мапиравме сите 16 сегашни депонии во овие два региона, во Пелагонискиот и во Западниот регион. На Буково има околу милион и осумстотини до два милиони кубни метри отпад. Тоа се огромни количини отпад, поготово што станува збор за мешан, неселектиран отпад. Значи, на едно место се депонираат различни видови отпад кои не треба да доаѓаат во допир, затоа се и константните пожари“, вели Емил Ангелов, тим-лидер.
Пропустливото земјиште отвора и ризик од загадување на подземните води, од кои дел се користат за водоснабдување во Преспанскиот регион. Дополнителна загриженост предизвикува близината на Свинишките извори, за кои во минатото биле разгледувани планови за нивно евентуално искористување за водоснабдување на Охрид.
„Голема опасност претставува тоа што некаде на 1.000 до 1.500 метри северно, односно северозападно од Буково, се наоѓа извориштето кое Охрид планира да го зафати за да се снабдува градот со вода. Тоа се Свинишките извори и мислам дека досега не се правени истражувања за опасностите што ги носи депонијата Буково за тоа извориште“, вели проф. д-р Трајче Талевски, научен работник.
Брзи решенија нема. Во моментов општината работи на изработка на техничка документација, а регионалниот центар во Новаци и претоварните станици се очекува да профункционираат дури во 2030 година.

