Се покажа дека случајот со Ива Михаилова го води бугарската служба, но кај нас тенденцијата беше јасна – вината за нејзиното бегство да се префрли на МВР и на министерот Панче Тошковски – вели генералниот директор на МИА, Дарко Јаневски.
Тој во гостувањето нa ТВ „Алфа“ говореше за медиумските наративи поврзани со случајот со Ива Михаилова, односите со Бугарија и влијанието на странските служби врз новинарството.
– Таа приказна на некои од националните телевизии секој ден се емитуваше, со Ива Михаилова почнуваа вестите. И поентата беше ако може да му се натовари вината на министерот за внатрешни работи како таа избегала. Беше јасна тенденцијата на тие телевизии, да се натовари вината врз овој човек, кој, по мое лично мислење, има сторено не многу, туку и за овој краток период сериозно добри работи за Македонија. Небитен е мојот однос кон него – вели Јаневски.
Според него, наместо фокусот да биде насочен кон Министерството за внатрешни работи, прашањата требало да се постават до Обвинителството и судството, особено во однос на судската постапка и причините поради кои Михаилова не била во притвор.
– Ако можеше херметички да се затвори границата, Трамп ќе ја затвореше, а не, пак, ние. Имаме проблем со судството, со Обвинителството, а не со МВР. Ниту МВР, ниту Армијата на Македонија, ниту цело НАТО да дојде – никој не може да го контролира секој метар од границата – истакна Јаневски.
Тој се осврна и на обелоденетите разговори и снимки поврзани со случајот на Михаилова оценувајќи дека тие отвораат прашања за влијанието на бугарските служби врз одредени новинари и медиуми. Се покажа, вели Јаневски, дека, всушност, случајот со Михаилова го води бугарската служба и дека таа контролира одредени новинари.
Според него, не треба да имаме илузии, ваквите практики не се непознати во светот, но оти проблемот е кога новинари во Македонија, вели, работат во интерес на странски служби, а истовремено се третираат како релевантни фактори во општеството.
– Проблемот е кај нас со оние што и натаму се некаков фактор во ова општество. Има и такви што одработуваат против оваа држава, а сега се платени со државни пари и ние тоа го толерираме – рече Јаневски.
Тој посочи дека Бугарија има долга традиција во градењето на својата држава и како пример ја посочи државната новинска агенција БТА, основана 1898 година.
– Бугарите својата агенција ја основаа 1898 година. Првиот нивен директор тогаш имал плата, која пресметана во денешни долари или евра е над 100.000 годишно. Ние сме далеку од тоа. Но поентата е како тие сериозно ја граделе својата држава и што сфатиле – дека е битно да имаш државна агенција и дека таа агенција треба да ги брани државните, она што јас велам, што треба да бидеме ние, државните и националните интереси на Македонија – рече Јаневски.
Тој оцени дека во Македонија, за разлика од тоа, некои од новинарите и јавните личности ги прифаќаат тезите што доаѓаат од Бугарија, особено во врска со историските прашања и евроинтегративниот процес.
– Бугарите си ја бркаат својата работа, Грците си ја бркаат својата, проблемот е што ние не си ја бркаме нашата работа – рече Јаневски.
Осврнувајќи се на спорот со Бугарија и условите за продолжување на евроинтегративниот процес, Јаневски рече дека се создава атмосфера во која секое спротивставување на бугарските барања се претставува како антиевропски став. – Ако кажеш дека Гоце Делчев, Даме Груев се Македонци, веднаш ти лепат етикета, ти си антиевропеец – вели Јаневски.
Тој посочи дека не може да се споредуваат односите меѓу Франција и Германија или Германија и Полска со македонско-бугарските односи бидејќи, како што рече, во тие случаи никој не го оспорувал националниот идентитет на другиот народ.
– Не можеш ти како јавна личност, како новинар, да ми кажуваш дека пример се Франција и Германија, Германија и Полска. Таму никој никому не му го оспоруваше идентитетот. Франција и Германија немаа проблем со тоа кој е Германец. Германците не велеа Наполеон ќе биде, ќе кажеме дека е Германец, има да пишете и заврши приказната – рече Јаневски.
Тој оцени дека Македонија има проблем и со недоволното расчистување на случаите поврзани со работата на институциите посочувајќи го како пример Специјалното јавно обвинителство (СЈО) – неговото функционирање, законската основа и исплатата на бонуси. Смета дека треба да се преиспита неговиот правен статус и неговото функционирање додавајќи дека државата не смее да ги остава нерешени прашањата за одговорноста и трошењето јавни средства.
– Ние во принцип имаме проблем со тоа што не ги расчистуваме работите до крај. Ќе се смени власта, ама дај ова ќе го оставиме. СЈО беше неуставен орган, имаше одреден рок на траење. Меѓутоа, останува дека тоа било дел од нашиот правен систем. Уставниот суд по дефиниција мора да го поништи тој закон и да ги врати работите назад – вели Јаневски и додава, без оглед дали тоа ќе значи дека паѓаат сите процеси што ги воделе.
Во разговорот беше отворено и прашањето за случајот со 15-годишното момче од Охрид за кое бугарски медиуми објавија дека било претепано од полициски службеници и го претставија како нов случај на насилство врз Бугарин во Македонија. Мајката на момчето во телефонско вклучување во емисијата рече дека случајот се злоупотребува за меѓуетнички и политички цели и дека нејзиниот син нема бугарско државјанство.
За инцидентот, Јаневски нагласи дека мора да биде расчистен независно од обидите за негово политичко или етничко претставување.
– И да се расчисти со тие полицајци што го тепале тоа дете. Јас не го знам случајот, сега дознав за него, меѓутоа тоа итно да се расчисти, настрана злоупотребата од Бугарија. Такво нешто не смее да се случува во Македонија. Не смее – рече Јаневски.
Тој додаде дека општеството треба да развие критички однос кон лицата што, според него, работат против државните интереси наместо да им дава простор и влијание во јавноста.

