Во организација на Стопанската комора и УНДП денеска ќе се одржи настан со наслов „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“.
– Заштитата на животната средина и долгорочната конкурентност на економијата се тесно поврзани. Но во услови на изразена неизвесност и непредвидливост на глобалната економија постои ризик прашањата поврзани со заштитата на животната средина да бидат потиснати во втор план. Затоа, исклучително е важно да се разговара, да се разменуваат искуства за добри практики и да се бараат долгорочно одржливи решенија. Тоа може да им помогне на компаниите и на други засегнати страни полесно да носат стратешки одлуки за иднината. Ова прашање е висок приоритет за Стопанската комора и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) – посочуваат од Стопанската комора.

Воведни обраќања на настанот ќе имаат претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, претставникот на УНДП, Армен Григорјан, и Бен Нупнау од Делегацијата на ЕУ.
На настанот се предвидени три панели, на кои ќе учествуваат министри, владини претставници и претставници на бизнис-заедницата.

На панелот со наслов „Дата-центрите, расчистување на мистеријата“ како најавени панелисти се министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, главниот извршен директор на „Македонски телеком, Горан Марковиќ, и софтверскиот инженер Петар Пешев од „Ултра“.

На вториот панел, „Декарбонизација на индустријата, технологии и финансирање“, ќе зборува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, Волфганг Маиер, претседателот на Управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Марија Дуковска-Павловска од „Макстил“ и Тони Стојановски од НЛБ банка ад Скопје.
На третиот панел „Циркуларна економија, заштита на животната средина и биодиверзитет“ најавени говорници се Даме Димитровски, советник на претседателот на Владата, Жан-Франсоа Море од Делегацијата на ЕУ, Ѓулај Гештаковска од „Кондево“ и Филип Ивановски од „Пакомак“.

