Како Унија на жени застануваме против насилството со сите свои механизми, ќе зборуваме, ќе се обидеме да делуваме превентивно, ќе се обидеме да ја покренеме свеста против овие појави, ќе се обидеме да ги охрабруваме жртвите да ги пријавуваат насилниците, ќе бараме од институциите побрзо и подостојно да реагираат во секое време. Унијата на жени во следниот период ќе објави телефонски број, телефонска линија за пријавување на насилство, со цел да се обезбеди итно правно советување, правни совети, правна помош за жртвите од семејно насилство.
Ова вечерва го истакна претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата Марија Митева, на првата панел дискусија на тема „Од молк до глас“, што се одржува во рамки на кампањата „16 дена активизам“ под мотото „Сплотени дејствуваме, одлучни против насилството“ во организација на Унијата, Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и Унијата на млади сили на партијата.
Сето тоа, посочи таа, ќе го разработиме со правната комисија во рамки на партијата, ќе им дадеме пред сѐ насока за тоа како треба да постапат во моментите кога се чувствуваат безнадежни, во моментите кога имаат страв од тоа што следи, во моментите кога не ги знаат процедурите или не знаат точно каде да се обратат, кога стравуваат за својот живот, за животот на своето дете.
– Ќе успееме, се разбира, во согласност на достоинствен и на доверлив начин истото да го направиме преку соодветни правни механизми коишто ќе ги ставиме на располагање. Нашата обврска е 365 дена да се потрудиме да направиме нешто повеќе на оваа тема и кога ќе дојде следната година, кога ќе зборуваме повторно за оваа тема, да кажеме што конкретно сме направиле како Унија на жени и што сме оставиле позади нас. Авторитетот ќе го градиме врз основа на принципи. За нас, во рамки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ и генерално во политичката партија, не постои простор за поддршка или за несанкционирање на насилството и тоа е принципот од кој ние нема да отстапиме, рече Митева.

Таа потенцира дека денеска се зборува за Законот за заштита на жртвите од семејно насилство и насилство против жените, што беше донесен во 2021 година од Владата предводена од СДСМ и тогаш од претставниците на таа политичка партија, тоа законско решение беше презентирано како најсоодветно законско решение каде што фокусот се става точно на жртвата и на безбедноста на жртвата. Само пет години подоцна, нагласи, доаѓаме до денешнава дебата каде повторно се бараат законски измени и дополнувања на тој закон што тогаш, во тоа време, беше презентиран како најсоодветно законско решение.
Не велам, појасни Митева, дека состојбите не се менуваат, не велам дека законите не трпат измени и дополнувања согласно состојбите кои се случуваат, меѓутоа многу е важна суштината кога зборуваме и како тој закон беше презентиран во тоа време и каква дебата се водеше по однос на истоимениот закон.
– Во 2026 година ВМРО-ДПМНЕ покажува силен политички капацитет за водење на дијалогот, не само на оваа тема, туку на многу теми изминативе две и половина години. И успеваме тој дијалог да го водиме на маса меѓу клучните општествени чинители кои треба да ги направат промените. Тоа се институциите, тоа се граѓанските организации, невладиниот сектор, експертите, тоа се луѓето кои ја работат оваа проблематика и најдобро знаат со што се соочува жената жртва од насилство. И успеваме да дојдеме повторно до предлог-измени и дополнувања кои се наоѓаат во Собранието и се надевам дека во идниот период ќе се најдат на поширока можеби дискусија и ќе бидат донесени. Оваа година се прави измена на Кривичниот законик и телесната повреда, поради семејно насилство веќе се гони по службена должност, што не беше случај претходно, со претходните законски регулативи. Тоа покажува повторно висок политички капацитет, желба, политичка волја во Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги подобри, да ги надгради законските регулативи, со цел да им дадеме поголема заштита на жените жртви од насилство, рече Митева.
Според неа, оваа тема треба да има поширок фокус, дека не само институциите кои досега се занимавале со оваа проблематика, можеби и пошироката јавност треба да биде вклучена во дебатата и да се види како да се надминат состојбите кои укажуваат на пораст на семејното насилство.
– Целата таа структура општествени чинители, кои се задолжени во оваа проблематика, имаат своја одговорност кога зборуваат пред јавноста, затоа што доведувањето во заблуда за овие теми може да навлезе во многу посериозни проблеми отколку да го реши проблемот за кој ние денеска зборуваме, додаде Митева.

Претседателот на Градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и директор на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински рече дека здравствениот систем и здравствениот работник во државата можеби е и првиот контакт, првиот потенцијален контакт на жртвите од насилство. Тој посочи дека многу е важно здравствениот работник да има утврден протокол, правилник, на крај на денот и знаење како точно да постапи со утврдено или евидентирано насилство, за да не оставиме на граѓанинот да лута по институции.
– Тука не мислам само на физичкото насилство, туку во најголем број од случаите станува збор и за психичко насилство, каде можеби треба во иднина и повеќе да се фокусираме во тој дел поради тоа што тоа е можеби и малку потешко да се открие, да се воочи за да може да се помогне. Во таа насока, Фондот за здравствено осигурување како купувач на здравствени услуги е одговорен за здравствениот систем да гарантира одржливост во делот на испорака на здравствените услуги кон здравствените осигуреници и тоа го правиме. Секоја година имаме зголемување на буџетот, ревносно ги порамнуваме практично нашите обврски кон здравствениот систем и во таа насока и ќе продолжиме, истакна Перински.
Потсети дека во изминатите две години Министерството за здравство, заедно со останати политички чинители, поддржано од меѓународни институции, веќе изготви одредени правилници и протоколи кои треба да се однесуваат во насока на давање насоки на здравствените работници, за да можат подобро, поедноставно или пообучено да ги насочуваат жртвите на семејното насилство.
– Останува на институциите да ги усвојат и веќе да станат оперативни. Паралелно со овој процес, повеќе од 260 здравствени работници веќе се поминати со обуки, така што соодветно е позиционирана и оваа активност и навистина се посветува доволно внимание. Не смееме да ги заборавиме и дечињата и затоа мислам дека како посебен фокус во иднина треба да ни бидат и тие, поради тоа што сите состојби кои можеби ги преживуваат во нивните домови, а можеби немаат време или место каде да ги соопштат. Покрај превенцијата на семејното насилство, кога се однесува на жените, примарен и главен фокус треба да ни биде и едукацијата и тој општествен, одговорен пристап кон едукација на дечињата. Една држава може да се каже дека е успешна доколку го заокружи целиот овој процес и доколку посвети внимание на оние коишто се најранливи категории, додаде Перински.

Потпретседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Борис Шамбевски рече дека не смее да се дозволи во нашето општество позади навидум прифатливо однесување или шегување, да се кријат насилници со малициозни намери.
– Тоа што мораме ние да го направиме за жртвите да не се чувствуваат дека се сами е прво да ја поставиме оваа граница, а од таа граница понатаму едноставно јасно и недвосмислено да ги стигматизираме сите видови насилство и едноставно никој да не помисли – дали тоа ќе биде млад човек или ќе биде постар човек – дека преку насилство може да се популаризира, со омаловажување да се издигне себеси или да стане популарен, или дека во случајот на младите едноставно ќе биде кул. Нема да дозволиме буквално ниту еден млад човек да се чувствува дека не може да учи, да расте, да се развива без притоа да има страв дека ќе стане мета на насилство. Токму тоа ние нема да го дозволиме. Како Унија на млади сили искрено веруваме дека првиот чекор кон превенирањето почнува токму од едукацијата и од препознавање на раните форми на насилство, бидејќи многу често насилството не застанува само на навредите и на омаловажувањето, туку преминува кон психолошко, кон дигитално и во екстремни случаи, за жал, во физичко насилство. Токму тука ја гледаме нашата улога, рече Шамбевски.

Потенцира дека нема да застанат на овие 16 дена активизам, туку ќе направат серија активности за подигнување на свеста кај младите луѓе, ќе инсистираат секој да може да ги препознае раните форми на насилство, а потоа да се искреира генерација храбри млади луѓе кои при гледање на насилство нема да се повлекуваат, туку напротив ќе реагираат, и никој нема да може да се скрие позади параванот дека било шега или начин на дружење.
– Во координација со сите структури на партијата и со надлежните институции, Унијата на млади сили ќе понуди и други решенија кои подетално ќе се фокусираат да го решат овој проблем и едноставно ќе искреираме општество во кое ќе има нула толеранција против насилството, но не само декларативно, додаде Шамбевски.
На втората панел дискусија на тема „Системски одговор на насилството, превенција, заштита и одговорност“ се обратија градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

