Жителите на струмичко Куклиш добија ново повеќенаменско спортско игралиште. Изградено е со донација од „Видеолотарија на Македонија“, а дополнителни средства инвестираше и Општина Струмица. Новиот спортски простор ќе биде од голема важност за развојот на младите и создавањето здрави животни навики.
„За Видеолотарија Казинос Австрија, општествената одговорност не е само декларативна заложба, туку вистински начин да се направи придонес и да се унапреди заедницата. И во таа насока, веќе повеќепати досега сме докажале дека низ личните примери создаваме нови зони на коишто младите ќе може да ги унапредуваат своите потенцијали и спортски можности. Со донација од 4.350.000 денари успеавме да го создадеме ова ново спортско место, оваа нова зона, на којашто во следниот период сите ќе може да ги унапредуваат своите спортски можности“, изјави Вики Чадиковска, маркетинг-директорката во „Видеолотарија на Македонија“.
Новото спортско игралиште, кое е целосно опремено, се простира на околу 950 квадратни метри. Во изградбата со поставување армирана бетонска подлога, во вредност од над 1.600.000 денари, учествуваше и Општина Струмица.
„Со ова игралиште се задоволуваат потребите и барањата на граѓаните во ова населено место. Да напоменам дека вакво исто игралиште имавме реализирано оваа година и во Банско. Значи, двете најголеми населени места во Струмица, Банско и Куклиш, добија современи спортски терени кои ќе може да ги користат сите љубители на спортот и граѓаните кои уживаат во добрите и здрави навики“, изјави градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
„Видеолотарија“ досега има направено над 20 игралишта низ целата држава, а три од нив се во струмичкиот регион.

