Со рекапитулација на досегашното работење и презентирање на активностите што претстојат, претседателот на Комората на вештаци Виктор Камнар, попладнево во Гевгелија ја отвори свечената седница на Собранието на Комората.
На седницата присуствуваа вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, заменик-министерот за правда Ален Деребан, претставници на судството, како и поголем дел од членовите на Комората.
Камнар во своето обраќање потсети дека се навршени две години од формирањето на Комората на вештаци, што е половина пат од мандатот на ова избрано раководство.

– Летото 2024 година мал број ентузијасти се обидовме да смислиме имплементација на Законот за вештачење кој не се применуваше иако беше донесен повеќе од една година, со придонес од секој еден од нас. Најголем дел од лиценците на постојните вештаци беа истечени, а не постоеше законска можност за нивно продолжување. Сето ова денес, по две години е надминато и имаме потполно поинаква состојба во областа на вештачењето – истакна Камнар.
Тој додаде дека сега работат потполно самостојно, потпирајќи се на своето знаење и умешност и сесрдната помош од неколкумина професори по право, судии, адвокати и службеници од Министерството за правда.

– Комората изнајде сили за првпат да обезбеди простор за нејзино седиште, во еден месец ги донесе сите акти предвидени со закон, одржа четири почетни обуки за кандидати за вештаци со преку 750 слушатели и се здоби со вкупно 1072 нови членови вештаци со трајна лиценца за вештачење. Комората исто така е активно вклучена и во изработка на новиот Закон за вештачење кој произлезе од потребата после нашите укажувања за неприменливост на одредени одредби од постојаниот закон, посочи Камнар.
Истакна дека целата двегодишна активност Комората ја извршува беспрекорно, со само еден вработен и еден надворешен соработник.
Тој упати благодарност кон сите претставници на лекарите, инжинерите, архитектите, економистите, министрите во Владата за поддршката и вербата во целокупното работење на ова тело.

Заменик-министерот за правда Ален Деребан во своето обраќање подетално се осврна на носењето на новиот тарифник за работа на вештаците.
– Особено е значаен новиот тарифник за награда и надоместок на трошоците за извршените вештачења на кој Министерството за правда даде согласност. Со него се зајакнуваат критериумите за утврдување на цените на вештачењето, се воспоставуваат појасни и потранспарентни правила. Особено важно е што граѓаните ќе добијат поголема предвидливост и однапред ќе знаат колку трошоци ќе имаат за изработка на едно конкретно вештачење. Тоа значи поголема транспарентност, правна сигурност и еднаков пристап кон утврдување на надоместоците. Со тоа ќе се зајакне ефикасноста на правосудството и ќе се намали товарот на трошоците што ги трпат граѓаните како странки во тие постапки – рече Деребан.

Значајни новини носи и новиот Закон за парничната постапка, кој започнува со примена од 1 јануари 2027 година, посочи заменик-министерот за правда.
– Одредбите кои се однесуваат на вештачењето имаат важна улога во унапредување на доказната постапка, во појасното дефинирање на одговорноста и во обезбеување поквалитетно и поефикасно утврдување на релевантните факти. Паралелно со тоа во финална подготовка е и новиот Закон за вештачење – истакна Деребан.
Во рамки на свечената седница, свое обраќање имаше и вицепремиерот Николоски, кој доби благодарница од Комората. Благодарници им беа доделени и на заменик-министерот Деребан, судијките Тања Милева, Софија Миленкова, на претставник од Судскиот совет, како и на претседателот на Управниот суд, Субхи Јакупи.

