Холандската компанија „Тујнкамер“ има сериозен интерес да го прошири своето производство преку нова инвестиција во Македонија, за производство на монтажни куќи, наменети за извоз на европскиот пазар, соопшти Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).
Директорот на Дирекцијата, Гоце Димовски, денеска имал средба со претставници на „Тујнкамер“, на која, како што се наведува, станало збор за инвестициските можности во рамки на ТИРЗ, достапната инфраструктура и условите и постапките за реализација на потенцијалната инвестиција.

Директорот Димовски се осврнал на конкретните можности што ги нудат зоните, со акцент на расположливите парцели и инфраструктурната опременост во однос на потребите на планираното производство. Истакнал дека Дирекцијата стои на располагање за обезбедување детални информации за локациите, насоки за постапките за инвестирање и координација со надлежните институции во натамошната разработка на инвестицискиот проект.
Претставниците на компанијата ги презентирале своите намери за проширување на производството, како и потребите поврзани со изборот на соодветна локација и производствен објект.

„Тујнкамер е холандска компанија специјализирана за проектирање и изведба на објекти по мерка, меѓу кои градинарски куќи, викендички, објекти за сместување гости и канцелариски простори во домашни дворови. Нејзината понуда вклучува и префабрикувани модели, а процесот на реализација опфаќа дизајн, подготовка на елементите во сопствена работилница и монтажа на локацијата на клиентот.
-Компанијата веќе има основано друштво во Македонија, Тујнкамер ДООЕЛ Скопје, преку кое се разгледуваат можностите за воспоставување производствен капацитет во земјата. Реализацијата на потенцијалната инвестиција би придонела за создавање додадена вредност за националната економија преку производство на готови производи за извоз, со можности за отворање нови работни места и вклучување домашни компании во синџирот на снабдување, информира Дикрекцијата на ТИРЗ.

