– Едукативна трибина „Да зборуваме за хроничната бубрежна болест, донирањето органи и трансплантацијата“ во организација на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ се одржа денес во Тетово. Ова е втора ваква трибина, по првата одржана во Струга, а следуваат настани во Скопје и Куманово.

-Нашата активност, во текот на целата година е подигање на свеста кај населението за да се спречат бубрежните заболувања, како и да се подигне свеста за органодарителство. Околу 10 отсто од вкупната популација има некаква бубрежна болест, само еден помал дел од тие завршуваат на дијализа. Нашата желба е што помалку пациенти да имаме на дијализа и да се прават трансплантации. Трансплантација може да биде од познат дарител од потесната фамилија или од починат (кадавер) од мозочна смрт. За да можат тие трансплантации да се прават треба да има донирање на органи. Значи свеста за донирање треба да се подигне и на тој начин ќе се спасат многу животи, изјави д-р Душко Ѓоргиев, претседател на Здружението „Нефрон“.
Професорката д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплатација посочи дека новиот закон за земање и пресадување на делови од човечко тело со цел за лекување – односно закон за трансплантација е поминат во собраниска процедура.
-Сега во тек е донесување на подзаконските акти, односно интер-ресорско усогласување за конечно да може да бидат и подзаконските акти во функција. Но, она што е во функција сега за сега е промената, која што е многу важна, особено за бубрежните болни, а тоа е можност за живодарување до четврто колено. Досега беше до трето роднинско колено, а сега е до четврто роднинско колено, тоа е многу важно за пациентите кои што чекат бубрег, значи се проширува фондот на дарители којшто можат да даруваат бубрег – посочи д-р Кузмановска.
Павлинка Балиска психолог во Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“ рече дека со заклучоците од трибините и од анализите кои што ги имаат направено во соработка со пациентите ќе излезат конкретни заклучоци којшто ќе бидат препратени до надлежните институции.

