Во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода од 1 септември наставата за сите 940 ученици се организира во една смена, откако беа доградени шест училници и овозможени просторни услови со заедничка инвестиција од 19 милиони денари на Владата и локалната самоуправа. По тој повод училиштето денеска го посети министерката за образование и наука Весна Јаневска, заедно со градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска.
Јаневска е задоволна од овој концепт, кој почна да се воведува минатата учебна година, и соопшти дека од 1023 основни училишта во државата, едносменска настава е воведена во 620 односно во нешто над 60 отсто.

-На мое големо задоволство гледам дека и учениците и наставниците се задоволни од едносменската настава, што беше и тенденција на Владата, за да им овозможиме подобри услови за подобар квалитет на образованието. Децата се најспремни наутро, родителите немаат грижа за нив додека се на работа, концентрацијата на децата и на наставниците е поголема, очекувам и подобар квалитет во образованието. Во комуникација со надлежните, во ниедно од овие училишта немам поплака. Напротив, тие изразуваат големо задоволство. Колку средства се заштедени ќе кажат општините и директорите на училиштата, а за евалуација за тоа дали имаме подобрување на квалитетот треба малку време. Минатата година почнавме со едносменска настава и ќе треба да поминат неколку години за да може да направиме веродостојна анализа. Сега само го испитуваме задоволството. Тие велат дека се задоволни, изјави Јаневска.
За општината Кисела Вода посочи дека ќе добие поддршка од МОН за проширување на капацитетите и на други училишни објекти, за да се воведе едносменска настава во сите осум основни училишта на нејзина територија.
-Министерството веќе има изготвени проекти за проширување на уште три училишта со по шест училници – централното ОУ „Круме Кепески“, ОУ „Кузман Шапкарев“ во Драчево и ОУ „Рајко Жинзифов“ во Пинтија. Наскоро ќе објавиме постапки за избор на градежни компании и на почетокот на следната година очекувам да започнат теренските активности, информираше Јаневска.

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска посочи дека општината целосно ги опреми новите простории во ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ со столчиња, клупи, катедри, табли, смарт-уреди во сите училници и преносни компјутери за наставниците.
-Грижата за децата и континуираното подобрување на условите во сите училишта е наш заеднички фокус, истакна градоначалничката, заблагодарувајќи се на Владата и Министерството за образование и наука за поддршката и партнерскиот однос и, со порака дека кога локалната и централната власт работат во синергија и со иста визија, резултатите се видливи веднаш и директно го подобруваат животот на граѓаните.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

