Филипче веќе не и верува ниту на Европската Унија. Сега ќе го уверуваат Брисел дека реформите кои ги констатирала самата Европската Комисија во Македонија не постоеле. Се бара и директна помош за спроведување на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Устав. Според експертите критиките на лидерот на СДСМ се целосно неосновани, дури и на тема за која пофалби ни доаѓаат од една Грција. Универзитетскиот професор Јове Кекеновски вели дека ваквите зборови на првиот човек на СДСМ покажуваат само политичка неумесност, барајќи странци да се мешаат во внатрешните работи на Македонија.
-Едно е да се бара поддршка од Европската Унија за забрзување на евроинтеграциите, а сосема е друго да се очекува нејзин дипломатски претставник да се вклучи во домашното меѓупартиско политичко конфронтирање. Европската Унија треба да биде партнер на државата, а не треба да биде во политичките спорови помеѓу власта и опозицијата. Додека Филипче изнесува исклучително негативни оценки, од друга страна шефот на грчката дипломатија препознава и позитивни реформски резултати во Македонија, изјави Кекеновски.
Обвинувајќи дека бил жртва на владината пропаганда, Филипче го прашуваше и Рокас дали тие биле предавници, дали предавство бил Францускиот предлог и тоа што прифатиле уставните измени да станат услов за Македонија за старт на преговори со ЕУ. Според Кекеновки за сопствените и политичките одлуки на неговата партија, се одговара пред сопствените граѓани, а не пред странските дипломати.
-Едноставно лидерот на СДСМ не треба да бара од Рокас политичка амнестија за одлуките на СДСМ во минатото. И тој наместо да бара од амбасадорот одговор дали станува збор за предавство треба да им објасни на македонските граѓани какви гаранции обезбедила тогашната власт за заштита на националните интереси, прифаќајки го вториот протокол и Францускиот предлог, изјави Кекеновски.
Инаку, при презентирањето на извештајот на Европската Комисија во Собранието, евроамбасадорот Михалис Рокас кажа дека нотиран бил напредок во спроведувањето на реформската агенда, во дигитализацијата и образованието, стопроцентна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што Македонија ја прави меѓу лидерите во реформскиот процес. Иако и Филипче ги слушна неговите зборови, сепак според него немало никаков напредок во реформите.
Матеја Петровски

