Можноста младите парови да дојдат до сопствен стан по колку толку поволна цена нема да удри врз градежништвото. Нивните профити биле огромни, а цените вештачки напумпани . Аналитичарите предлагаат Владата да се фокусира на помалите градови и таму да овозможи поголем попуст од цената од 20% по метар квадратен. Концентрацијата на живеење во Скопје требала одамна да се намали. Дел од нив позитивно ја оценуваат најавената мерка на владата за 10% од станбената површина да им бидат понудени на младите брачни парови со 20% попуст на пазарната цена. Сметаат дека е крајно време да им се помогне на граѓаните да имаат сопствен кров над глава, а не да живеат под кирија до крајот на животот или да се преселат во странство.
За мерката младите брачни парови да бидат ослободени од комуналии за градење куќа, аналитичарите сметаат дека ќе даде ефекти. Во Скопје нема толку слободни парцели во најатрактивните населби како Центар, Карпош и Аеродром, но во поширокото градско подрачје и во другите градови очекуваат значителен интерес од страна на граѓаните.
Математиките покажуваат дека за купување на стан од 60 квадрати во Скопје, би се платиле и до 26 илјади евра помалку. Колку поголем стан се купува, толку е поголема заштедата. Во однос на изградбата на куќа, пак, делот кој треба да се издвои за комуналии варира од општина до општина. Надоместокот за уредување градежно земјиште во центарот на Скопје може да изнесува и до 15 илјади евра за 100 метри квадратни изградена површина. Во урбаните делови на Ѓорче Петров, Кисела Вода и Бутел околу 8 илјади евра, а во руралните делови до најмногу 5 илјади евра. Надоместокот е околу илјада евра во најмалите градови, пет илјади евра во Штип и Прилеп, до 9 илјади евра во урбаниот дел на Охрид. Во руралните средини во внатрешноста, сумата е од 500 до 1.200 евра.

