Националната конференција „Од податоци до политики: Како да ја намалиме цената на пушењето?“ денеска ќе се одржи во Скопје, во организација на „Аналитика тинк-тенк“ и Светската здравствена организација (СЗО).
Според податоците од националната анкета на „Аналитика“ за 2026 година, 50 проценти од возрасните граѓани пушат цигари, 48,1 проценти пушат секојдневно, а 62 проценти од испитаниците што посетувале ресторани и кафулиња изјавиле дека биле изложени на пушење во угостителски објекти.
Настанот предвидено е да го отвори министерот за здравство Сашо Клековски, а во фокусот ќе бидат најновите истражувања за употребата на тутунските производи и мерките за намалување на пушењето.
Во рамките на конференцијата е предвидена и панел-дискусија на тема „Од научни докази до конкретни мерки: Кои се следните чекори?“, посветена на приоритетите во јавното здравје и превенцијата од пушење.
Организаторите посочуваат дека целта на конференцијата е преку анализа на најновите податоци и размена на искуства да се поттикне креирање поефикасни политики за намалување на употребата на тутун и заштита на јавното здравје.

