Министерот за правда Јетон Шасивари оствари средба со новата амбасадорка на Обединетото Кралство, Маја Сивангнам, на која, како што информираат од Министерството за правда, биле разменети мислења за тековните активности и претстојните чекори во реформата на правосудниот систем.
На средбата Сивангнам била запознаена со реформската агенда на Министерството за правда, како и со започнувањето на стручните расправи за новиот Кривичен законик и Законот за кривичната постапка.
– Овие законски решенија отвораат ново поглавје во унапредувањето на кривично-правната рамка, а стручната дебата е важен дел од процесот на нивно креирање и усовршување – се вели во соопштението од МП.

Посебно значење има размената на искуства и експертската поддршка во процесите што носат законски и институционални промени.
– Досегашната соработка со Обединетото Кралство претставува важна основа за натамошна реализација на реформските приоритети, стои во соопштението.
Од Министерството за правда, посочуваат дека остануваат посветени на спроведувањето на реформските приоритети, модернизацијата на правосудството и создавањето ефикасен систем заснован на правна сигурност и владеење на правото.

