За Албанците во Македонија, но и за сите Албанци, ова е еден од најголемите датуми, ден кога е унифицирана албанската азбука, изјави претседателот на македонското Собрание Африм Гаши, кој денеска во Музејот на албанската азбука во Битола заедно со албанскиот премиер Еди Рама промовираа нови инвестиции во битолската Спомен куќа.
Претседателот на македонското Собрание, Гаши, истакна дека освен прием за премиерот Рама, попладнево, во НУ Музеј на албанската азбука во Битола ќе приреди прием и за косовскиот премиер Албин Курти.

-На 22 ноември во Битола во 1908 година се одржа Битолскиот конгрес на кој интелектуалци и научници од сите страни на светот престојувале во Битола и се договориле да се унифицира албанската азбука. Денешниот ден е и државен празник во нашата држава и ја користам приликата на сите Албанци да им го честитам празникот, каде и да живеат. Денеска промовиравме и новини во Музејот. Имено, Владата на Албанија инвестираше во Куќата музеј на албанската азбука во Битола и затоа ние со премиерот Еди Рама со сечење лента го промовиравме тоа што е новина во музејот, а се инвестирало во минатата година. Нашата Влада и Владата на Албанија помогнаа оваа Спомен куќа да биде што побогата од секој аспект и очекуваме во иднина двете Влади да издвојат повеќе средства за оваа Спомен куќа да има поголемо значење – рече Гаши.
Тој додаде дека попладнево во Музејот ќе го пречека премиерот на Косово, Албин Курти, и на овој начин Битола, како што рече, денеска е празничен град.

