Средбата со албанскиот премиер Еди Рама е уште една потврда за заедничката посветеност на продлабочување на соработката меѓу двете земји, истакна попладнево министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, во објава на неговиот фејсбук-профил.
– Ја зајакнуваме соработката, ја градиме заедничката иднина. Денеска во Охрид, заедно со претседателот на Владата на Македонија, Христијан Мицкоски, и колегите министри, имавме задоволство да му посакаме добредојде на премиерот на Република Албанија, Еди Рама. Оваа средба е уште една потврда за добрососедските односи и нашата заедничка посветеност на продлабочувањето на соработката меѓу двете земји – нагласи Дурмиши во објавата.
Економскиот развој, регионалната соработка и создавањето нови можности за граѓаните, како што истакна министерот, остануваат важни приоритети на патот кон поразвиен, постабилен и поинтегриран регион.

