Земјоделците мора да го модернизираат своето производство за полесно да се справат со предизвиците што ги носат климатските промени. Користењето дигитална технологија го зголемува приносот, а истовремено ги намалува и трошоците, објаснува Бубе Трајковски од Куманово, кој обработува над 10.000 хектари земјоделско земјиште. На неговите ниви сеидбата на пченица и јачмен се врши со современа механизација опремена со сателитска навигација. Долгогодишното вложување во модернизација довело до тоа приносите во неговото стопанство да бидат двојно зголемени во споредба со 2008 година.
„Ние жнееме пченица и јачмен од шест до осум тони. Меѓутоа, во секој случај, ние сега со дигитализацијата само ќе си ја олесниме работава и можеме некои си пет до 10% со тоа што ќе сееме прецизно, кај што ќе нема преклопување и можеме малку и трошоците да си ги намалиме, бидејќи се сее многу попрецизно“, изјави Бубе Трајковски, одгледувач на пченица.
Поскапувањето на енергенсите и земјоделските репроматеријали значително ги зголемува трошоците за производство на житните култури. Земјоделците велат дека дополнителен притисок врз откупната цена годинава може да создаде и вишокот пченица што ја има на пазарите во Украина и Русија.
„Има голем проблем, се манипулира со количина на пченица, пазарен вишок во Русија и Украина, некаде околу 100 милиони тони и тоа е голема количина. На мене ми е страв и да не падне цената“, изјави Бубе Трајковски, производител на пченица.
И годинава се очекува да се задржат површините од претходната сезона, кога со пченица во државата биле посеани над 63.000 хектари. Ова не е доволно за да се задоволат потребите на домашниот пазар, поради што недостигот се обезбедува од увоз.

