Македонија и Албанија го воведоа системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан. Наместо две одделни запирања, патниците ќе ги поминуваат проверките на двете држави на едно место, каде што контролата ќе биде заедничка. Целта е побрз проток на патници и стоки, поедноставени процедури и поефикасно функционирање на еден од најфреквентните гранични премини меѓу двете земји.
За македонскиот премиер Христијан Мицкоски, ова е почеток на нова форма на соработка, која покрај олеснувањето на транспортот, треба да придонесе и за развој на туризмот и поврзување на туристичките потенцијали на двете земји.
„Очекувам овој начин на комуникација да продолжи и на другите гранични премини кои што ги имаме со нашиот западен сосед Албанија. И на тој начин дополнително да ги зголемиме врските помеѓу граѓаните од двете страни на границата, а исто така беше кажано при оној воведен дел од презентацијата како сето ова ќе функционира. One Stop Shop системот ќе додаде вредност и во делот што значи зголемување на туризмот и туристичкиот потенцијал кој што го имаат двете земји“, вели Христијан Мицкоски, премиер на Република Македонија.
Само во текот на 2025 година биле регистрирани над 2,3 милиони преминувања на патници, што претставува повеќе од половина од вкупниот број преминувања на сите гранични премини со Албанија. Токму поради големиот број патници, Ќафасан е избран како почетна точка за примена на овој систем.
„Досега на овој граничен премин бевме: контролирај, контролирај, но отсега ќе бидеме: верувај и контролирај. И другиот чекор ќе биде верувај, верувај, за да бидеме заедно во наредниот чекор кон ЕУ. Ние сега сме во еден процес на соработка и многу работа и многу заедничка работа за еден многу важен проект не само за патот кон ЕУ и за НАТО. Тоа е проектот Коридорот 8“, рече Еди Рама, премиер на Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама воведувањето на заедничките гранични проверки го оцени како позитивен чекор кон поголема доверба и поврзување меѓу двете земји, кои заедно чекорат кон ЕУ. Тој порача дека Албанија никогаш нема да ја попречува Македонија на патот кон Европската Унија и нагласи дека неговите досегашни изјави во врска со уставните измени биле извадени од контекст. Македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште едно вето ако го направи овој чекор, односно ако ги додаде Бугарите во Уставот.
Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека уставните измени се внатрешно прашање на Македонија и дека ставот на државата по ова прашање е јасен. Рама истакна дека пријателските односи меѓу двете земји се взаемни, додавајќи дека е уверен оти Македонија и Албанија наскоро ќе седнат на иста маса во Брисел и заедно ќе бидат дел од Европската Унија.

