Следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Според прогнозата, од утре под влијание на јужно воздушно струење температурите постепено ќе се зголемуваат и повторно ќе бидат над просекот за овој период од годината. Во наредните денови ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а од среда тој повремено ќе достигнува и над 60 километри на час, особено во западните делови од земјата.
Времето утре ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. По одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Најпрво во западните делови, а попладне и кон крајот на денот насекаде ќе има повремени врнежи од дожд.
Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.

