Галичица ги губи некогашните пасишта. Ако во минатото на планината паселе и до 50 илјади овци, денес нивниот број е намален на само две до три илјади. Со повлекувањето на сточарството, некогашните тревни површини сè повеќе ги заземаат смрекинките, а со тоа се менува и препознатливиот предел на планината. Сточарството со векови било дел од животот на локалното население. Но по Втората светска војна, со индустријализацијата и промените во начинот на живот, интересот за оваа дејност постојано опаѓал. Напуштањето на пасиштата овозможило ширење на шумската и грмушестата вегетација, со што се губат и живеалиштата на бројни растителни и животински видови.
„Драстично е намален бројот на овци кои пасат на Галичица. Заради намалениот број почнат е процес на сукцесија, односно природата повторно ја враќа шумата. Во процесот на сукцесија губиме дел од биолошката разновидност и пределските вредности. Доволно причини јавната установа, со сите кои имаат интерес да го зачуваме природното наследство, да реализира активности поврзани со реставрација“, вели Андон Бојаџи од Н.П. „Галичица“.
За да се зачуваат овие специфични живеалишта, на Галичица веќе се спроведуваат активности за нивна реставрација. Со отстранување на смрекинките, досега се обновени околу 10 хектари тревни површини. Работата се изведува рачно, со учество на 15-тина фармери, работници и волонтери. Но реставрацијата не може да заврши само со расчистување на теренот, потребно е спроведување на агроеколошки мерки.
„Препораките се следни, значи, како што има субвенции за секој овчар по глава на добиток, кои што му се даваат годишно, да се вметнат овие агроеколошки мерки во самата програма во Министерството за земјоделство и шумарство, односно како една програма би било, на пример, доколку овчар или козар би пресекол една смрекинка во денот, да му се плаќа по смрекинка, на пример, пет евра од смрекинка и да се плаќаат или периодично или годишно“, вели Ивана Христоска, проект-менаџер.
За да не се повторат истите процеси, неопходно е повторно да се воспостави традиционалното управување со пасиштата, преку поголемо присуство на добиток. Целта е обновените површини да не останат само резултат на еден проект, туку повторно да станат живи пасишта и да се зачува препознатливиот предел на Галичица.

