Делегација од стручњаци од областа на шумарските науки и климатски промени од Република Австрија имаше работна посета во националниот парк „Маврово“ и беа разменети искуства со предизвиците кои доаѓаат од климатските промени.
Домаќинот на средбата, директорот Харис Ибраими, искажа задоволство од интересот на австриската стручна јавност и посочи дека меѓународната размена на научни сознанија, искуства и современи практики и дека тоа претставува значаен предуслов за унапредување и одржливо управување со природните ресурси.
– Оваа посета претставува значајно признание за природните вредности на Националниот парк Маврово, но и можност за негово посилно позиционирање во меѓународните стручни и научни кругови, вели директорот на НП Маврово, Ибраими.
Во делегацијата предводена од Кристијан Бравенц аташе на Сојузното министерство за земјоделство, шумарство, климатска и еколошка заштита, беа и Силвио Шулер и Марчела Ван Лу претставници на Федералниот истражувачки и тренинг центар за шуми, Кристоф Хартлајтнер директер на LIECO GmbH, Андреас Штајнегер и Флориан Хехенблајкнер од комората за земјоделство и шумарство на Штаерска и Симон Јансен од Универзитетот за природни ресурси и применети науки.
Гостите од Австрија посетија повеќе локации во заштитеното подрачје. Професорот од Шумарскиот факултет „Ханс Ен“, Јане Ацевски, презентираше стручни анализи, научни сознанија и релевантни податоци за актуелната состојба и динамиката на шумските екосистеми. Низ разговорите особено внимание беше посветено на влијанието на климатските промени врз шумските екосистеми, нивната отпорност и способноста за приспособување.
– Во фокусот на стручните разговори беа и промените што веќе се забележуваат во шумските заедници, предизвиците што се очекуваат во иднина, како и потребата од континуирано научно следење и примена на современи методологии за нивна заштита и одржливо управување, се наведува во информацијата од НП „Маврово“
Гостите, искажаа подготвеноста за повторна посета и продолжување на комуникацијата и дефинирање конкретни облици на идна соработка.




