Со поддршка на Амбасадата на Грција во земјава и во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје вчера се одржала обука на тема „Меѓуинституционална координација при справување со родово насилство и фемицид“, во рамки на споделувањето добри практики меѓу Грција и Македонија.
На отворањето на обуката поздравни обраќања упатиле шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје амбасадорот Килијан Вал, пратеничката во Собранието на Република Северна Македонија и претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Жаклина Пешевска како и амбасадорот на Грција во Македонија Јанис Малукос.
Амбасадорот Малукос истакнал дека станува збор за втората активност што се организира во текот на оваа година во рамките на соработката меѓу Амбасадата на Грција и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, и е дел од заложбите за зајакнување на билатералната соработка во области од клучно значење за општеството. Потенцирал дека Грција и Македонија ја зајакнуваат својата соработка во областа на родовата еднаквост преку споделување на експертски знаења и добри практики, во согласност со меѓународните и европските случувања. Посочил дека почитувањето на основните права и зајакнувањето на националните капацитети врз основа на европското правно наследство претставуваат основни предуслови за европскиот пат на земјите од регионот.
Од Амбасадата на Грција во земјава посочуваат дека родовото насилство претставува сериозно кривично дело, кое не ги погодува само жртвите, туку има последици врз целото општество, неговиот напредок и развој. Велат дека случаите на фемицид и родово насилство, за жал, многу често се актуелни во двете земји. Соопштил дека во Грција, во последните години, се преземени значајни чекори за справување со ова очигледно кршење на основните човекови права.
– Нашиот пристап става посебен акцент на меѓуинституционалната соработка обезбедувајќи органите за спроведување на законот, социјалните служби и невладините организации тесно да соработуваат, со цел да им обезбедат сеопфатна поддршка на жртвите. Посебно внимание треба да им се посвети на помладите генерации, кои се повикани да ги надминат стереотипите и сфаќањата што се вкоренети во искуства и начин на размислување од минатото. Се надеваме дека оваа обука ќе претставува катализатор за натамошно зајакнување на соработката и партнерството меѓу професионалците од двете земји – истакнал грчкиот амбасадор.
На обуката учествувале околу 30 професионалци од полицијата, обвинителството, судовите и социјалните служби на Македонија. Програмата вклучувала презентации од грчки професионалци од областа, како и две практични вежби за анализа на случаи. За таа цел, на обуката биле поканети и учествувале д-р Евангелос Толис, воен заменик обвинител, кој постапувал по бројни случаи семејно насилство и од 2024 година учествува во обуката на полициските службеници распоредени во Канцелариите за справување со семејно насилство; Димитриос Хулиарас, заменик-раководител на Одделот за справување со родово насилство при Дирекцијата за социјална полиција на Штабот на Грчката полиција и Софија Сака од Одделот за справување со семејно насилство при Штабот на грчката полиција.

