Куманово денеска го одбележа 11 Ноември, денот на градот, 507 години од неговото постоење и 82 години од ослободувањето од фашизмот. По тој повод, во Занаетчискиот дом се одржа свечена академија на која присуствуваа делегации од странство, претставници на збратимените градови и соседните општини, државни институции, јавни претпријатија и установи, образовни институции и здруженија на граѓани.

На академијата се обратија градоначалникот Максим Димитриевски, претседателката на Советот на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска и советници кои ги претставуваат различните етнички заедници. Преку видео-презентација беа претставени реализираните проекти, активностите и постигнатите резултати во изминатата година, како и работата на градоначалникот, Советот, општинската администрација, јавните претпријатија и установи, со посебен осврт на културата и спортот.
Денеска беа доделени и „Ноемвриските награди“ на истакнати поединци и правни лица за нивниот професионален ангажман и придонес во општествениот живот. Во име на добитниците, благодарност упати академската вајарка и визуелна уметница Марина Цветановска-Мартиновска. Покрај неа, награди добија Шенаси Јусуфи, лекар специјалист по педијатрија и неонатологија, спортскиот новинар Бошко Тасиќ. Добитничка е и Стојанка Стојковиќ, претприемач во пензија. Ноемвриската награда на Општина Куманово за 2026 година, во вид на диплома, им беше доделена и на три правни субјекти: Културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ – Куманово, кое годинава одбележува значаен јубилеј, 100 години постоење, Друштвото за градежништво и услуги „Урбанинг“ ДОО Куманово, за донацијата на проектната документација за изградба на новиот современ објект на СОУ „Сами Фрашери“ и спортскиот кикбокс клуб „Предатор“, за афирмацијата на градот и државата со учеството на државни, европски и светски првенства во кикбокс.

На седницата им беа дадени и постхумни признанија на тројца истакнати кумановци. Признанието за Филип Стевановски, врвен педагог и музичар, за Јасмина Голубовиќ, ракометарка и рекордерка според бројот на настапи и постигнати голови за ЖРК Куманово, и за Димитар Антевски, долгогодишен професор по физичко образование и тренер на машката и женската екипа на РК Куманово. Признанијата им беа врачени на нивните семејства. Свечената академија заврши со културно-уметничка програма.

По повод денот на градот, на Спомен-костурницата, пред споменикот на паднатите борци од Народноослободителната војна, беше одржана и комеморативна церемонија, на која им беше оддадена почит на борците кои ги положиле животите за слободата на Куманово.

