Тимови на Јавната установа Национален парк „Пелистер“ Битола одржаа работна средба со шумарски експерти од Австрија предводени од аташето на Сојузното министерство за земјоделство, шумарство, климатска и еколошка заштита, Кристијан Бравенц.
Од ЈУ национален парк „Пелистер“ соопштија дека групата составена од Силвио Шулер и Марчела Ван Лу од Федерален истражувачки и тренинг центар за шуми, Кристоф Хартлајтнер директер на LIECO GmbH, Андреас Штајнегер и Флориан Хехенблајкнер од Комора за земјоделство и шумарство на Штаерска, Симон Јансен од Универзитетот за природни ресурси и применети науки, изразиле голема заинтересираност за генетскиот и сменскиот материјал на стеблата на Македонскиот бор – Молика (Pinus peuce).

-Со гостите од Австрија посетивме повеќе локации на моликовата шума и договоривме договорена идна соработка Универзитетот за природни ресурси и применети науки за животот – Боху, Виена. Соработката ќе оди во насока на организирано собирање и истражување на семенски материјал со цел обновување на шумите и генофондот каде главен акцент ќе се стави на адаптацијата на шумите согласно климатските промени – истакна Иванчо Тошевски, директор на ЈУ Национален парк „Пелистер“ Битола.
Македонскиот бор со своите генетски карактеристики и животен циклус е веќе препознат како вид кој можи да се интродуцира во шумите во средна и западна Европа во процесот на замена на видови и адаптација на шумите во пресрет на климатските промени, информираа од ЈУ Национален парк „Пелистер“ Битола.

