Премиерот Христијан Мицкоски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ смета дека во моментот е неодговорно кон државата да се организираат предвремени парламентарни избори иако, како што вели, ако се гледа од политички аспект на неговата партија, тоа ѝ одговара.
Но, додава, ако се гледа суштински, тоа не би било добро за државата бидејќи во следните две години таа треба да најде пет милијарди евра. Од нив, в година треба да се најдат 2,3 милијарди евра, а ако има избори и шест месеци техничка влада, тоа нема да може да се направи и државата ќе банкротира.
Тоа, вели, се обврски што треба да се намират, парите што биле земени за време на короната треба да се вратат, дел од долговите треба да се рефинансира, каматите треба да се платат, а треба, како што нагласи, да се покрие и буџетскиот дефицит.
Според Мицкоски, во 2028 година, кога треба да се одржат редовните избори, ќе биде многу полесно. Иако, како што рече, ќе треба да се обезбедат повеќе средства – речиси 2,7 милијарди евра, ќе може дел од обврските да се пренесат во 2029 година бидејќи таа година е единствената година што минатата влада не ја пополнила со задолжување со еврообврзница.
Доколку сега, во 2027 година, се организираат предвремени парламентарни избори, пред чие одржување треба да има техничка влада за период од шест месеци, нагласува Мицкоски, тоа би било неодговорно однесување кон државата.

