Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Владата влезе со јасна определба: изборната програма да не остане само предизборно ветување, туку да стане дел од владините политики и конкретни проекти што ќе го менуваат животот на граѓаните. Денешниот отчет за работата на Мирослав Лабудовиќ, заменик министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини е потврда дека оваа определба се претвора во конкретни активности и резултати, пишува во денешното соопштение на ЗНАМ – отчет за работата на Лабудовиќ, што МИА го пренесува интегрално.
Кога ЗНАМ ја презеде одговорноста за овој стратешки сектор во 2024 година, наследи бројни структурни проблеми, недоволно развиени производствени капацитети, одложувани капитални проекти и систем кој со години се соочуваше со сериозни предизвици.
Наместо изговори и префрлање на одговорноста, нашите кадри се зафатија со работа. Паралелно со институционалното воспоставување на Министерството, започнаа суштински реформи во енергетиката, рударството и управувањето со природните ресурси.
Во енергетиката поставивме нова законска рамка преку Законот за енергетика, Законот за користење енергија од обновливи извори и Законот за енергетска ефикасност. Но, нашата цел не е само носење закони, туку создавање функционален систем кој ќе обезбеди сигурно производство, стабилно снабдување и подобри услови за инвестиции.
Придвижени се проекти во преносниот систем кои со години беа блокирани, создадени се попредвидливи услови за приватните инвестиции, а стабилноста на домашното производство е зачувана и покрај наследените проблеми со производствените капацитети.
Македонија мора да произведува повеќе сопствена енергија и да биде помалку зависна од увозот. Во таа насока се започнати инвестиции во околу 200 мегавати фотоволтаични централи, нови ветерни централи и проектот за когенеративна гасна централа во Битола со капацитет од околу 250 мегавати.
Особено значајно е придвижувањето на големите стратешки енергетски проекти Чебрен и Галиште и „Вардарска Долина“, кои претставуваат важен потенцијал за долгорочна енергетска стабилност на државата.
Со гасните интерконектори со Грција и Србија, Македонија ја зајакнува својата инфраструктурна позиција и се поврзува со регионалниот Вертикален коридор. Ова е важен чекор кон диверзификација на снабдувањето и зголемување на енергетската и економската безбедност.
ЗНАМ се залага за држава која управува со сопствените ресурси и го штити јавниот интерес.
Затоа, во рударството е засилен надзорот врз концесионерите, а повеќе од 50 концесии се еднострано раскинати поради неисполнување на преземените обврски.
Подготвени се и нови законски решенија во областа на рударството и геологијата, со цел современо управување со природните богатства, поголема институционална контрола и заштита на интересите на државата и граѓаните.
За ЗНАМ, природните богатства не смеат да бидат привилегија на поединци на сметка на јавниот интерес.
Тие мора да бидат ресурс за економски развој, нови работни места и поголем просперитет на Македонија.
Истовремено, посветено се работи и на социјалната димензија на енергетските политики. Со новата методологија за утврдување на енергетската сиромаштија и таргетираните програми за поддршка на ранливите категории, се создаваат подобри механизми за помош на граѓаните на кои таа им е најпотребна.
Од Движењето ЗНАМ сметаме дека вистинската енергетска политика не се мери само со мегавати, инвестиции и закони, туку и со сигурноста на граѓаните, конкурентноста на стопанството и можноста државата самостојно да управува со својата иднина.
Овој отчет покажува дека за две години се поставени значајни темели: нова законска рамка, придвижени капитални инвестиции, зајакнато домашно производство, регионално енергетско поврзување и засилена контрола врз концесиите.
Не тврдиме дека се решени сите проблеми. Напротив, свесни сме дека енергетската трансформација е долгорочен процес. Но, разликата е во тоа што процесите се придвижени, одлуките се носат, а преземените обврски се претвораат во конкретни политики и проекти.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ќе продолжи да ги спроведува определбите од својата изборна програма, затоа што во Владата не влеговме заради функциите, туку заради одговорноста да донесеме промени. Нашата цел е јасна: енергетски посилна, економски постабилна и институционално поодговорна Македонија. Тоа е политиката на ЗНАМ. Тоа е одговорноста што ја презедовме и обврската што продолжуваме да ја исполнуваме пред граѓаните и пред Македонија.

