Македонскиот џез-состав Skopje Jazz Inc., кој преку авторска музика, индивидуални инструментални изрази и колективна импровизација гради препознатлив музички идентитет на домашната џез-сцена, утре ќе одржи концерт во „Јавна соба“.
Како што е најавено, Skopje Jazz Inc. подготвува избор од авторски композиции од албумот Incorporated, дополнети со досега необјавени композиции. Публиката ќе има можност да го доживее нивниот музички израз во живо преку непосредна комуникација меѓу инструментите, динамични импровизации и простор за неочекувани музички пресврти.
– Најважната работа во музиката на Skopje Jazz Inc. е токму таа спонтаност, интеракција и меѓусебно влијание во секој момент додека создаваме нова верзија на веќе напишаните композиции. Тие ни ја даваат појдовната точка, но без извесност каде и како сето тоа ќе заврши – вели трубачот, композитор и аранжер Трајче Велков.
Оформен во 2018 година, Skopje Jazz Inc. е составен од четворица искусни музичари: Трајче Велков (труба), Зоран Костадиновски (гитара), Горан Гешоски (бас-гитара) и Виктор Филиповски (тапани). Обединети од заедничката посветеност на џез-музиката и потребата за авторско изразување, тие создаваат музика во која природно се преплетуваат џез-традицијата, современите музички текови и слободата на импровизацијата.
Членовите на Skopje Jazz Inc. се музичари со богато професионално искуство, остварени соработки со реномирани домашни и странски инструменталисти, како и настапи на многубројни фестивали и концертни сцени. Нивниот заеднички музички пристап се темели врз разните индивидуални сензибилитети, кои во рамките на составот се надополнуваат и создаваат простор за постојана музичка комуникација и истражување. Во 2022 година го објавуваат албумот Incorporated, издание што го претставува авторскиот потенцијал и музичкиот концепт на бендот. Нивниот репертоар, покрај оригиналните композиции, опфаќа и дела од џез-авторите што ги инспирирале како музичари, интерпретирани и аранжирани во сопствениот препознатлив стил.
Концертот на Skopje Jazz Inc. е покана за средба со современиот македонски џез, музика што истовремено ги почитува своите корени и останува отворена за нови идеи, слободни интерпретации и автентични музички доживувања.

