Во современиот свет кој брза во ритамот на дигиталните екрани, социјалните мрежи и кратките информации, се чини дека луѓето се помалку имаат време за старата добра навика на читање книги.
Jавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево реализираше инспиративен раговор со нејзиниот најверен и најпасиониран читател – 80-годишниот Ефтим Николов, пензионер чија животна патека е трајно испишана со страниците на илјадници прочитани дела.
Книгата како опсесија, лек против самотијата и светост во секојдневието
Ефтим Николов чита повеќе од голем дел од помладите генерации, ученици, па и од возрасни. Неговата страст кон пишаниот збор започнува уште во далечната 1960 година, во средношколските денови во тогашната гимназија „Методи Митевски – Брицо“, продолжува низ студентските години и трае и денес.

На прашањето што претставува книгата за него, тој одговара едноставно и длабоко – се во едно!
-„Таа ми е потреба за да не бидам сам. Со читањето не се чувствувам осамен; книгата ми станува тивок придружник и ми ги надоместува работите што, поради годините, не секогаш можам да ги споделам со внуците и децата.“

Неговото секојдневие започнува пред зори. Вели, уште во 4 часот наутро, кога Делчево сè уште спие, ги става очилата, ја зема книгата покрај креветот и започнува со читање – навика која ја негува со децении.
Тетратката на сеќавањата: Стотици прочитани наслови годишно
Она што посебно фасцинира кај овој делчевски страстен читател е неговата организираност. Ефтим во библиотека секогаш доаѓа со својата посебна тетратка во која уредно води евиденција за секоја прочитана книга уште од 2015 година. Во таа тетратка се запишани стотици наслови годишно – во рекордната 2015 година има прочитано импресивни 586 книги, додека во периодот што следел запишал уште 499 наслови.
Оваа евиденција, вели тој, му служи и како практичен потсетник за заштита од заборавот, но и како животен дневник низ кој може да се наврати на секоја прочитана приказна.

„Јас уште пред години почнав да водам евиденција за да не се случи да земам книга што веќе сум ја прочитал. Кога се двоумам, ја носам дома, ја проверувам тетратката и утредента знам точно дали сум ја имал в раце.“
Книжевни вкусови и современи предизвици
Низ годините читал дела од најразлични жанрови – од руските класици како „Ана Каренина“, сè до популарни трилери, љубовни и историски романи. Моментално е посветен на делата на познатата американска авторка на бестселери, Кристин Хана, а со задоволство ги следи и поддржува и современите македонски автори.
Разговарајќи за младите и современите технологии, Ефтим забележува дека денес има многу повеќе „расипувачи на времето“ и алтернативи за забава отколку во неговата младост, но верува дека љубовта кон книгата се гради индивидуално.

-Слободното време што го имате, употребувајте го за читање. Не можеш да програмираш – еве сега ќе земам слободено време за книга. Но, секогаш кога немате друга работа, земете книга. Од секоја книга може нешто да се научи; со читањето никогаш не губиш, туку добиваш сознанија кои на друг начин не можеш да ги стекнеш, вели стратствениот вљубеник во пишаниот збор.
Библиотеката како втор дом
За Ефтим Николов, Јавната локална библиотека „Илинден“ во Делчево не е само место за позајмување литература, туку вистински дом каде што се чувствува слободен и ценет. Честите признанија и награди што ги добива од библиотеката се само скромна потврда за неговиот огромен придонес во промоцијата на културата на читањето во градот.
Со оваа инспиративна сторија за својот најверен читател, библиотеката „Илинден“ со учество на средношколките Тијана, Теона, Софија, Ирена и Маријана, испраќа моќна порака – додека светот брза, подзастанете, отворете книга и дајте му време на умот да расте – без разлика на годините.


